Македонска химната ја напишал Владо Малески 1941 година, а музиката ја направил Тодор Скаловски. Првпат била изведена на пречекот на Новата 1942 година во Струга, во куќата на Сотир Шута. Во првиот текст од 1941 година се наоѓаат имињата на Никола Карев и Димитар Влахов, но тие се подоцна заменети со името на Даме Груев.
За исфрлањето на името на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, раскажал неговиот внук од брат, Мише Карев.
„Мислам дека некаде до крајот на педесетите години во македонската химна беше и Никола Карев. Во неа беа Гоце, Даме, Сандански и тој. Подоцна ја слушав химната и се прашував зошто и по чија наредба е избришано неговото име. Сакав да дознаам што се случило во тие седум-осум години по ослободувањето, за чичко ми Никола да биде избришан дури и од химната. Еден ден отидов кај Димче Аџимитрески, тогаш декан на Вишата економска школа и близок со власта. Кога му кажав дека сум внук од брат на Никола, ме покани да седнам и ми кажа како тргнала работата околу бришењето на Карев од химната“, рекол Мише Карев.
Според кажувањата на Аџимитрески, што ги пренесува Мишев тоа се случило во 1953 година, на 50-годишнината од илинденското востание.
„Лазо Колишевски нè собра во владата мене, Злате Билјановски, Трахил Гигов и уште неколкумина. Тогаш некој од присутните, ми се чини Страхил Гигов, предложи Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев и другите да ги прогласиме за Бугари. Тоа го образложи со загриженоста дека ако наводно се продолжи со практиката тие да бидат споменувани како досега и за нив да се пеат толку многу песни, ќе станат поголеми и од нас“, ми рече тогаш Аџимитрески“, се сеќава внукот на Карев.
Денес сè уште нема официјално објаснение за промените што ги претрпела химната. Во првата верзија стоело „Од гроб станаа славните ѕидари“, а саега тука се пее „Одново сега знаме се вее“.
Песната е прифатена како химна на СР Македонија во рамките на поранешна Југославија по завршувањето на Втората светска војна. По осамостојувањето на Република Македонија, на 11 август 1992 година со закон е прогласена за химна на независна Македонија. Оригиналната верзија ја отпеале Васка Илиева, Александар Сариевски и Никола Бадев.