„Три“ е првата детска претстава на знаковен јазик во нашата земја во режија на Јован Ристовски. Претставата имаше премиера лани во Битолскиот народен театар, а потоа театарската екипа патуваше во повеќе градови низ земјата.
Да се создаде ваква театарска претстава е сериозна одговорност, но и убава борба кога се прават промени во општеството, вели Ристовски и додава дека сега многу побогат како човек.
„Од премиерата во октомври 2021 година до денес ја променивме свеста и ја проширивме перцепцијата на цела една млада генерација кога е во прашање постоењето на глувонемата популација. Најмладите, најчесто од 5 до кај 12 години, веќе се свесни и знаат дека има исто така деца кои имаат оштетен слух и дека македонскиот знаковен јазик и знаковната азбука претставува мајчин јазик на глувонемите лица“, рече режисерот Ристовски за Репортер.
Преку знаковниот јазик актерите говорат, но во исто време и го интерпретираат, најприродно како што и глувонемата популација се изразува преку гестикулацијата. Идејата е актерите да го интерпретираат знаковниот јазик, а не тутори и толкувачи да го преведуваат говорното дејство на актерите.
„Со претставата сме влијаеле, повеќе од што сум помислил, на пример приватен едукативен центар за деца инспирирани од претставата ‘Три’ веќе имплементирале часови по знаковен јазик во Битола. Децата кои ја посетија претставата изразуваат интерес за да ја научат знаковната азбука, бидејќи им е забавно, а преку таа, на многу суптилен начин ги описменивме со знаење за основите на знаковниот јазик, за постоењето и присуството на глувонемата популација во нашето секојдневие. Добро сме ја извршиле нашата мисија“, рече режисерот.
Идејата да режира претстава за глувонемата популација и нивна инклузивност во општеството, го натерала една животна ситуација пред 12 години кога на детски фестивал поканил девојче со оштетен слух да интерпретира монолог.
„Во публиката беа нејзините сооученици од Завод Кочо Рацин Битола. Сите деца со оштетен слух уживаа во музичкиот фестивал иако имаа оштетен слух. Бев фрапиран. Изненаден. Поразен. Бев тажен и среќен во исто време дека таму некои деца биле пресреќни што сме ги поканиле. Ако тие се среќни на музички фестивал кој не го слушаат, тогаш како ќе им биде на тие деца ако седат во публика и гледаат театар на нивниот мајчин јазик, односно знаковен јазик!? И така, си ветив на себе дека на овие деца ќе им направам претстава на знаковен јазик“, раскажа режисерот Ристовски.
Пораката на претставата се однесува на сите деца, за правилно сортирање на отпадокот, чување и негување на природата, а со тоа да се сака планетата, додека уметниците ја шират идејата за инклузија во општеството, вели Ристовски.
Реакциите на публиката секогаш се исти без разлика каде гостувала театарската претстава, децата се вклучуваат во интеракција со актерите и ја учат знаковната азбука.
За актерската екипа на самиот почеток на создавање на претставата им било чудно и тешко. Покрај публиката, знаковен јазик научила и театарската екипа. Сандра Грибовска од екипата која го игра ликот Лила веќе е на ниво, да комуницира со лица со оштетен слух. Претставата и него како режисер му помогнала да научи одреден фонд на знаковни гестови за комуникација со лица со оштетен слух.
Претставата „Три“ е инспирација за едукативните видеа „Учиме знаковен јазик“ која се емитува на социјалните мрежи на АТО Центар и каде публиката може да се запознае со знаковниот јазик.
„Емисијата се состои од 31 епизода, колку што има и букви во македонската азбука, од едукативно-забавен карактер е, но верувам дека и секој возрасен ќе сака да ја гледа. Секоја епизода трае од 3 до 5 мин. Тоа се кратки и слатки видеа“, вели режисерот.
„Три“ денес ќе се прикажува во Центар за култура Битола. Билетите за вечерашната изведба се веќе распродадени иако се бесплатни.
Следниот предизвик на режисерот Јован Ристовски, ќе биде претстава на знаковен јазик за возрасната популација.
Габриела Додевска