Десет музички ѕвезди за главната вечер на јубилејниот 25-ти Таксират

Таксират, македонскиот најпосетен алтернативен музички фестивал годинава прославува јубилејно 25-то издание. Овој голем јубилеј, најголемиот зимски урбан музички фестивал во Југоисточна Европа го одбележува со бројни концерти и настани, а денеска ја најавува и програмата за финалната вечер со која на 7 декември ќе биде заокружена прославата за четврт век Таксират во Скопје.

Главната вечер годинава ги собира Таксират резидентите, имињата потпишани зад најмасовните концерти, артистите кои дефинираа жанрови, но и станаа белег на „Таксират“ или уште поважно, екипата која во моменти одигра значајна улога во опстојувањето на фестивалот. На 3 сцени кои ќе бидат поставени во скопската Арена Борис Трајковски со настапи на 10 различни музички ѕвезди, на главната вечер збирно место ќе има и новата генерација, актуелниот бунтовен звук, но и светската алтернативна, транскултурна електронска сцена.

А таа, на Таксират годинава пристигнува од Франција со психоделично-ориенталниот електронски звук на ACID ARAB (Ејсид Араб), парискиот музички колектив познат како транскултурен еклектичен спој на музичките стилови од целиот свет. Покрај нив, жанровската фузија во единствен уникатен звук ќе ни ја претстави и извонредниот DUB FX (Даб еф-икс), австралискиот музичар, визионер, уличен уметник и општествен активист кој на Таксират ќе го промовира новиот, долгоочекуван албум „Infinite Reflection” и, како што самиот нагласува, ќе ја претстави новата димензија на неговите концертни настапи.

Главната вечер на Таксират е резервирана и за едни од најпочитуваните балкански изведувачи со убедливо најуспешни интернационални кариери, соработници и големи пријатели на организаторот „Пасворд Продукција“ и музички уметници кои се заслужни за најмасовните и најенергичните настапи кај нас. Тука спаѓа еден од најдобрите бендови од регионот, Дубиоза Колектив, секогаш импресивната екипа која ги освои најголемите светски фестивали и повеќе од 20 години руши рекорди со огромен број на меѓународни концерти, низ кои ја имаат освоено публиката од секој дел на планетата. Од македонската сцена пак, тоа е маестралниот Кирил Џајковски, зачетникот на глобалниот феномен познат како „балкан бит“ кој со своето повеќе од 20-годишно творештво се запиша на самиот врв на најценетите музички уметници од југоисточна Европа.

Покрај Кирил Џајковски, домашната сцена ќе ја претставуваат уште две легендарни имиња кои се гордост на македонската музичка алтернативa, SMUT (Смат), основоположниците на метал-кор музиката во Македонија и регионот, како и СТРАЈК, неприкосновеното рап име од скопската андерграунд школа.

Од регионот, покрај „Дубиоза Колектив“ и претходно најавените ЛЕТ 3 од Хрватска, на главната вечер ќе настапат и С.А.Р.С., алтернативната рок група која со иновативниот музички израз си го заслужи своето место како еден од најатрактивните изведувачи на регионалната музичката сцена, како и Смоке Мардељано, неприкосновен претставник на бунтовната генерација од белградскиот хип-хоп, но и Мими Мерцедес, eдна од првите и најистакнати раперки од српската музичка сцена.

Првото издание на Таксират се одржа во далечната 1999 година. Приказната на скопските „таксиратлии“ започна од Младинскиот Културен Центар и низ изминатите изданија ги надживеа и ги обележа со култни концерти, Скопскиот Саем, Метрополис Арена и дополнителните Хали, низа концертни простори насекаде низ Скопје и Таксират сѐ уште е тука!

Годинава, јубилејното 25-то издание се одржува со програма која вкупно брои повеќе од 60 концерти и настапи на различни локации во Скопје, а која ќе биде заокружена со финалната прослава и настапите на овие 10 музички ѕвезди во една, Главна вечер, на 7 декември во Арена Борис Трајковски.

Билетите за главната вечер на Таксират се веќе пуштени во продажба со најповолната супер-промотивна цена од само 700 денари, резервирана за најбрзите 1000 купувачи во продажната мрежа на МкТикетс.

Scroll to Top