Со мотото „Да живнеме“, вечерва, со сто проценти исполнетост на арената „Борис Трајковски“, 25. пат ќе се одржи „Златна бубамара“. Бидете подготвени за многу смеење, музика и емоции, кои не се доживуваат секој ден..
Како и секоја година, сценариото на „Златна бубамара“ се чува во тајност, но она што е познато е дека македонскиот пијанист Симон Трпчевски ќе биде награден во категоријата музички амбасадор.
Со својата концертна активност во светот Трпчевски веќе одамна е музички амбасадор на културата на Макеоднија, велат од „Бубамара“.
Легендарниот музичар и поранешен пејач на „Бјело дугме“, Жељко Бебек, ќе добие „Златна бубамара“ за животно дело.
„Почитувани љубители на добрата забава, нормални цени и евтина тарифа на струја, цените скокнаа, платите останаа исти, само ‘Златна бубамара’ ви порачува: „Дојдете да живнеме“.
По сè што поминавме, конечно, доаѓаат убави времиња: да се развеселиме, да запееме и да се насмееме, а конечно можеме и да живнеме! Дојдоа и такви убави времиња кога полесно се доаѓа до два билета за „Златна бубамара“ отколку до две шишиња зејтин. Наместо да кивнеме, време е да живнеме, велат организаторите на „Златна бубамара“.