Фонтаната Треви повторно отворена по реновирањето: Пристапот е ограничен на 400 посетители

Фонтаната „Ди Треви“ во Рим денеска повторно беше отворена по завршувањето на вонредните работи за одржување во пресрет на јубилејната католичка „Света година“, која се слави на секои 25 години.

Работата за реновирање траеше три месеци и чинеше 327.000 евра, пренесе Анса.

На инаугурацијата на оваа знаменитост присуствуваа градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери, како и советникот за туризам на градот Алесандро Онорато, советникот за култура Масимилијано Смериљо и надзорникот за наследство Клаудио Паризи Пресиче.

Пристапот до споменикот сега ќе биде ограничен на 400 посетители во секое време за да се избегне голема гужва.

Посетителите засега нема да мора да плаќаат билет, иако во иднина не е исклучено воведување такса, изјави Гуалтиери.

За време на работите за одржувањето, беше поставена патека за туристите да можат да ја видат римската знаменитост додека се чистеше.

На посетителите им беше дозволено да ја фрлат својата паричка во „корпата“ во преминот, со што ја изразија својата желба да се вратат во Вечниот град.

Фонтаната сега ќе биде отворена секој ден за ограничен број посетители.

Текстот Фонтаната Треви повторно отворена по реновирањето: Пристапот е ограничен на 400 посетители е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top