Фотографии од браќата Манаки во старо-ново руво

Во понеделник, 27 октомври во 20 часот, во Културно Информативниот Центар – Скопје, ќе се отвори изложба на дела настанати на работилниците за алтернативна фотографија кои се одржаа во село Смилево, во организација на фестивалот Зрно.

Од 17 до 23 јули, манастирот „Св. Петар и Павле“ во Смилево беше дом на едно од највпечатливите летни уметнички собирања каде колу педесет фотографи и млади автори од различни европски земји, заедно со волонтери од Македонија, Србија и Словенија, учествуваа на четвртото издание на Зрно, посветено на благородните фотографски процеси.

Оваа година, Зрно понуди осум работилници исполнети со експерименти, споделена страст, хемија и љубов кон уметноста. Учесниците заедно истражуваа и создаваа, градејќи искрен и креативен однос кон фотографијата.

Во Смилево се одржаа следниве седумдневни интензивни работилници под водство:

· Предраг Узелац (Нови Сад) – колодиумска фотографија
· Ивана Брезовац (Белград) – напредна црно-бела фотографија
· Мартина Павлоска (Милано) – креативна игра со Полароид
· Флориан Копр (Виена) – стратегии за развивање уметничка визија
· Вјеран Хрпка (Осијек) – Фоџо и хемиграм техники
· Дамијан Диаконеску (Темишвар) – гумоил и гум-бихромат принт
· Емилија Сандиќ (Белград) – експерименти со мордансаж
· Сашо Алушевски (Скопје) – цијанотипија и лумен принт

Оваа година, фестивалот Зрно ја збогати својата програма со исклучително значаен сегмент – изложба што вклучува негативи од опусот на браќата Манаки, љубезно отстапени и дигитализирани од Архивот на Македонија – одделение Битола. Овие ретки материјали, сведоштва на првите чекори на балканската фотографија, беа повторно оживеани преку нивна современа интерпретација во различни историски техники. На тој начин, им беше подарен нов живот – како поетски дијалог меѓу минатото и сегашноста, и како искрена почит кон визионерството и наследството на браќата Манаки, во рамки на овогодинешната соработка меѓу Зрно и Архивот на Македонија.

Оваа година Зрно со разни активности обедини над 250 фотографи од целиот свет. Зрно е повеќе од настан – тоа е движење што ја спојува уметноста, природата и луѓето во едно исконско искуство. Тоа е место каде фотографијата дише, инспирира и обединува – каде магијата се создава со светлина, време и љубов.

Текстот Фотографии од браќата Манаки во старо-ново руво е превземен од МАКФАКС.

Scroll to Top