Преку 15 000 посетители вчера вечер дојдоа и се забавуваа на првата вечер од Културното лето на Општина Кисела Вода. Настанот го отвори Диџеј Мац со најпопуларните хип хоп хитови на кои се играше и пееше на преполниот простор пред салата Расадник. По него незаборавен концерт одржаа и 2 Бона.
Во паркот во Расадник ечеше добра музика и одлично расположение, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски најави дека и во наредните четири фестивалски вечери очекува да има слична атмосфера. Културното лето започна синоќа, а ќе трае до 29 јуни и ќе се одржи на две локации.
Денес во петок на 23 јуни, Културното лето ќе продолжи на Три Круши, во Драчево, со фолк вечер. Од 20 часот ќе настапат КУД Китка, а од 21 часот Сузана Спасовска. Од 22 часот сѐ до крајот на вечерта концерт ќе има Миле Кузмановски.
Во сабота ќе настапат Жаре Бербер и Петар Грашо, а следниот четврток групата Нокаут, на која ќе претходи музички сет на диџеј Мац.