Дванаесет маратонци денеска во 16:30 часот ќе почнат да трчаат од Нова Градишка до Крушево во чест на Тоше Проески. Ова е петнаесетти пат да трчаат во чест на загинатиот музичар.
Маратонците вчера претпладне пристигнаа во Загреб и ја посетија македонската православна црква „Света Злата Мегленска“, а потоа заминаа на дружба со Мирослав Рус, со кого Тоше соработуваше долги години.
Маратонците ќе трчаат низ целата територија на Хрватска и на Србија. Се очекува на 15 октомври (сабота) да пристигнат на граничниот премин Табановце и да продолжат кон Скопје, а на плоштадот Македонија да дојдат околу 18 часот. Вечерта ќе тргнат на пат за Крушево, каде што треба да пристигнат на 16 октомври (недела) околу пладне, на годишнината од загинувањето на Тоше Проески.
Учесниците ќе го завршат ултрамаратонот на Гумење каде ќе му оддадат почит на Тоше.
За потсетување, Проески загина во сообраќајната несреќа кај Нова Градишка, Хрватска, на 16 октомври 2007 година.