На поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони дијагностицирана му е леукемија. Тој од вчера е на интензивна нега на кардиолошкиот оддел во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано поради проблеми со срцето и отежнато дишење.
Осумдесет и шестгодишниот Берлускони ќе остане и натаму на интензивна нега, а неговиот личен лекар Алберто Зангриљо би можел да одржи прес-конференција за да ја илустрира здравствената состојба на поранешниот италијански премиер.
Берлускони имаше низа здравствени проблеми во последниве години. Со години имаше пејсмејкер, имаше операција на срцето во 2016 година и го победи ракот на простата. Во 2020 година прележа и ковид.
Партијата Форца Италија на Берлускони е дел од десничарската коалиција на актуелната премиерка Џорџа Мелони, иако поранешниот премиер нема улога во италијанската влада.