Најголемата потрага по чудовиште од Лох Нес без резултати

Најголемата потрага по Неси во последните 50 години не донесе резултати, но сепак, мистеријата за легендарното чудовиште од Лох Нес се уште опстојува. Викендов, над 200 волонтери од цел свет се собраа во потрагата, но не забележаа ништо невообичаено.

Набљудувачи од брод кои користеле акустична опрема пријавиле четири неидентификувани звуци, за да сфатат потоа дека не ги снимиле.

„Сите се возбудивме кога ги слушнавме тие звуци, но кога се стрчавме да провериме дали снимачот е вклучен, сфативме дека не е“, рече Алан Мекена од истражувачка група „Истражување на Лох Нес“.

Првите записи за чудовиштето датираат од 7. век, а модерната легенда почна во 1933 година, кога хотелската менаџерка Алди Мекеј тврдела дека видела суштество кое личи на кит во езерото. Потоа е направена и познатата фотографија од чудовиштето во водата, за која 60 години подоцна се утврди дека е лажна.

Сепак, во последната потрага учествуваа истражувачи од секаде, од Франција, Финска, Шпанија, Германија, Јапонија, Австралија и САД.

„Сигурен сум дека нешто големо демне во длабочините на Лох Нес. Не знам дали е чудовиште, или нешто друго, ама знам дека долу има нешто“, рече Пол Никсон, менаџерот на центарот „Лох Нес“.

Scroll to Top