„Охридско лето“ е најдоброто од музичката и сценската уметност: Пендаровски го отвори фестивалот

Со цитат од Блаже Конески, потсетување дека „Охридско лето“ е парадигма за градење на институционалната меморија на нацијата, но и осврнување на драгоценоста која ја носат уметниците, претседателот Стево Пендаровски го отвори 63. издание на фестивалот.
Тој на присутните им порача: „Во мигови кога човештвото се наоѓа пред безброј предизвици кои ги негираат клучните цивилизациски придобивки, повеќе од потребни ни се уметноста и културата преку кои ќе повратиме дел од загубените или злоупотребени вредносни системи“.

Шефот на државата, Пендаровски е и покровител на фестивалот за кој кажа дека повеќе од шест децении е место каде пристигнуваат најрелевантните уметнички продукции од сите страни на светот.

„Посакувам успешни фестивалски денови и креативна размена на искуства помеѓу уметниците од целиот свет. Со оваа мисла, дозволете ми да го прогласам фестивалот ‘Охридско лето’ за отворен“, рече Пендаровски.

Тој потсети на цитат од Конески.

„Конески велеше: ‘Духот не може лесно да се потчини, ниту да се вкалапи, следствено, ниту уметникот и неговото дело’.Оттаму, посакувам слободната мисла, која уметниците овде, во Охрид, ја претставуваат низ своите креации, да го преобликува и му даде поинаква суштина, барем за миг, на она што е гнило и проблематично во светот.

За Охрид, рече дека е древен град во кој се чува античкото, но се создава и вреднува современето.

„Тука раскошот на природниот амбиент со векови ги инспирира луѓето да го покажат најдоброто во градителството, уметноста и духовноста. На таа хармонија и убавина, на историјата и културата, фестивалот ‘Охридско лето’ природно и спонтано се надоврзува, нудејќи го најдоброто од музичката и сценската уметност, грижливо селектирано од сите светски меридијани“, посочи тој.

И не само тука во Охрид, да овозможиме уметниците да продолжат да нудат визија за еден подобар свет.Не постои ништо поважно од континуитетот во градењето на институционалната меморија на нацијата”, рече претседателот Пендаровски.

Свеченото отворање на фестивалот „Охридско лето” започна со концерт на светски познатата оперска дива Анџела Георгиу, која настапи со Оркестарот на Националната опера и балет на Република Македонија, под диригентската палка на извонредниот Чипријан Теодорашку од Романија.

Scroll to Top