Еден од најтрофејните југословенски кошаркари на сите времиња Дамир Шолман почина на 74 години по долго боледување. Иако беше роден во Загреб, Шолман скоро цела кариера ја помина во дресот на Југопластика. Со нив тој беше државен првак двапати и останува како најдобриот стрелец во историјата на клубот со постигнати 5.783 поени. Шолман играше две години во Италија, а потоа се врати во Сплит, каде што ја заврши кариерата во 1983.
Со репрезентацијата на СФРЈ освои две олимписки сребра во 1968 и 1976 година, злато и сребро на светските првенства и две титули на европските првенства.