Почина дизајнерката Мери Квант: модната икона од 60-тите која ја измисли популарната мини сукња

Модната дизајнерка Мери Квант почина на 93-годишна возраст, соопшти нејзиното семејство. Во изјавата  се наведува дека таа починала мирно утрово дома во Сари, Велика Британија.

Мери е заслужна за дизајнирањето на мини-здолништето познато од 60-тите. Нејзиното семејство рече дека таа е една од најпознатите меѓународно признати модни дизајнери на 20 век и извонреден иноватор.

„Таа ја отвори својата прва продавница Базар во Кингс Роуд во 1955 година и нејзините визионерски и креативни таленти брзо воспоставија уникатен придонес за британската мода“, соопшти нејзиното семејство.

Квант е една од пионерите на сцената на ‘swinging London’, која покрај неа вклучуваше и бројни уметници, музичари и актери со кои во 1960-тите во Лондон создаде нов културен феномен.

Почнала да работи во време кога светската сцена ја карактеризирала конзервативната облека, но со текот на времето сфатила дека младите девојки сакаат нешто посебно, односно кратко и поинакво. Во нејзиниот салон доаѓале девојки да ги скратат здолништата, а таа тоа го правела се повеќе и повеќе – на крајот всушност дизајнирала мини здолниште затоа што видела потреба од тоа.

Краткото здолниште засекогаш ја промени модната сцена, а во нејзината продавница почнаа да се собираат млади девојки желни за нов стил.

Заедно со здолништата таа ги популаризираше и хулахопките во боја, гаќичките кои и денес се симбол на шеесетите. Мери создаде едноставни, прави линии и форми кои го направија телото универзално, го заобиколи тесниот, мал струк кој дотогаш беше модерен.

Мери Квант е родена и израсната во Блекхит, Лондон, ќерка на двајца велшки учители. Откако нејзините родители одбиле да и дозволат да оди на курс за мода, Квант студирала илустрација во Голдсмит, каде што го запознала нејзиниот иден сопруг, аристократот Александар Планкет Грин.

Дипломирала во 1953 година со диплома по уметничко образование и започнала стажирање кај дизајнер на капи. Набрзо со сопругот отворила ресторан, а кај нив се собрале разни луѓе со уметнички интереси. Набрзо се посветила на дизајнот на облека, кога сфатила дека овие луѓе сакаат нешто поинакво.

Иако прво продавала облека во други продавници, набрзо решила да започне сопствен бизнис и основала бренд. Останатото е историја – Квант станува нова модна икона и ги скратува здолништата и учествува во големата модна револуција која засекогаш е запишана во историјата на стилот. Нејзиниот храбар став кон модата е сè уште популарен и денес, бидејќи модерните идеи никогаш не стареат.

Scroll to Top