Денес почнува светското првенство во фудбал. Мундијалот ќе се игра во Катар, а првиот натпревар ќе го играат домаќинот и Еквадор.
Мечот е закажан за во 17 часот на новоизградениот стадион во Доха, пред 60.000 навивачи. Организаторите најавија спектакуларно отворање иако претходно Шакира и Дуа Липа го откажаа настапот.
Американската раперка Ники Минаж, либанската пејачка Миријам Фарес и колумбискиот пејач Малума ја промовираа Tukoh Taka, химната за Мундијалот во Катар. Песната е објавена на официјалниот Јутјуб канал на ФИФА, а ќе влезе во историјата како првата песна за шампионатите отпеана на три јазици – англиски, шпански и арапски.
Овој Мундијал ќе биде по многу работи единствен и секако пресвртница во фудбалската историја, а првиот натпревар ќе го суди Италијанецот Даниеле Орсато.
Катар како домаќин на турниот на ждребот се најде во првиот шешир заедно со фудбалските змејови, па сите репрезентации потајно се надеваа дека ќе им се паднат, бидејќи без сомнение се најнеквалитетната репрезентација во тој шешир и веројатно на целиот турнир.
Во групата со Катар се наоѓаат и селекциите на Еквадор, Сенегал и Холандија. Многу необични работи се врзани за ова Светско првенство кое ќе се игра за првпат надвор од вообичаениот летен термин и може да се рече дека тоа е една од најголемите промени. Сексот ќе биде забранет за навивачите.
Исто така првпат сите натпревари ќе се играат во еден град, а за тој план да се оствари, работеа 2 милиони работници деноноќно и ги изградија седумте прекрасни стадиони и реновираа еден во престолнината Катар. Покрај стадинот, изграден е и нов аеродром како и ново метро.
Според различни извештаи и мислења на експертите, цената на првенството значително ја надмина границата од 200 милијарди долари.
За споредба, последните две Светски првенства беа најскапите во историјата. Бразил во 2014 година и Русија во 2018 година чинат помалку од 15 милијарди долари. Светското првенство во Германија во 2006 година, чинеше 4 милијарди долари.
Покрај сите фантастични работи кои ги носи со себе ова првенство, Мундијалот од почетокот го следат голем број скандали, па така Катар е обвинет дека ѝ платил на ФИФА 3,7 милиони долари мито за да обезбеди нивна поддршка. Беше ослободен по двегодишната истрага.
Тогашниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер ја поддржа во тоа време кандидатурата на Катар, а пота рече дека водечкото тело на светскиот фудбал можеби донел погрешна одлука. На Блатер инаку во моментов му се суди во Швајцарија за измама, проневера и други финансиски махинации.
Исто така во февруари 2021 година, „Гардијан“ објави дека откако Катар ја доби организацијата за Светското првенство, во земјата загинале 6500 работници мигранти од Индија, Пакистан, Непал, Бангладеш и Шри Ланка, работејќи на проектите за ова првенство.
На ова Светско ќе има и пет нови правила. Селекторите ќе имаат на располагање пет замени. Во однос на досегашните 23 играчи, тренерите сега можеа да поведат 26 репрезентативци на Мундијалот. Наредното правило се однесува на голманите, кои сега едната нога ќе можат да ја остават на гол линијата при изведувањето на пеналите. Првпат на Мундијалот ќе може да се гледаат и дами во улога на судии. Од 36 повикани, 3 се жени. Ќе има и полуавтоматска офсајд технологија.
Распоред по фазите на натпреварите:
Од 20 до 24 ноември се играат натпреварите од првото коло од групната фаза. Од 25 до 28 ноември натпреварите од второто коло од групната фаза. Од 29 ноември до 2 декември се играат натпреварите од третото коло од групната фаза. Од 3 до 6 декември натпреварите од осминафиналето. На 9 и 10 декември четвртфиналните натпревари. Полуфинални натпревари од 13 и 14 декември. На 17 декември мечот за третото место. Финалето ќе се игра на 18 декември на златен стадион.