Одложено е 20. јубилејно издание на фестивалот на скара и пиво во Прилеп, „Прилеп пиво фест“, кој требаше да се одржи од 13. до 16. јули.
Причината за одложувањето според официјалното соопштение од страна на фестивалот е на состанокот одржан од Стопанската комора на Прилеп, Општина Прилеп и бизнис фелата донесена е одлука, ,,Пиво фест 2023“, дека нема да се подржи и одржи.
„Прилепчани и пошироката јавност. Сакаме да Ве информираме дека овогодинешното јубилејно издание на ,,Пиво фест 2023“ се одлага за следната 2024 година, со нова локација, концепт и содржина на програмата. Образложение: на состанокот одржан од Стопанската комора на Прилеп, Општина Прилеп и бизнис фелата донесена е одлука, ,,Пиво фест 2023“, дека нема да се подржи и одржи. Додека пак советот на Општина Прилеп на седницата од 22. овој месец донесе одлука за доделување на локација за реализација на ,,Пиво фест 2023““, соопштија од организацијата.
Според нив оваа седница е доцна одржана и одлуката за доделување на локација за организација и реализација на фестивалот е предоцна донесена.
„Со оглед на навремено поднесените барања од страна на Фестивалот на 17.11. 2022 и во Април 2023 до Општината за организација и локација на ,,Пиво фест 2023“ сеуште нема официјално известување до Фестивалот до ден денес. Со оглед на сите овие горе наведени причини ,,Пиво фест 2023“ спречен е да се одржи“, стои во објаснувањето на организацијата во објавата на Фејсбук.
Инаку претходно за јубилејното издание на „Пиво фест 2023“ беа најавени голем број на познати балкански и домашни музички ѕвезди.