Саудиска Арабија гради скијачки центар среде пустина

Среде пустина во Саудиска Арабија се гради ски-центарот Тројена, кој ќе биде домаќин на Азиските зимски игри во 2029 година. Станува збор за меѓународен спортски натпревар за членовите на Азискиот олимписки совет, кој се одржува на секои четири години.

Ски-центарот ќе се простира на 60 квадратни километри и ќе биде вештачка снежна оаза за скијање и други зимски спортови во текот на целата година. Тројена ќе вклучува апартмани и планински куќи, вили и луксузни хотели. Ќе има и ресторани, продавници и разни објекти, како и вештачко слатководно езеро наречено Волт.

За разлика од Ски Дубаи, кое нуди скијање во внатрешноста на трговскиот центар Дубаи Мол, Тројена ќе понуди зимски спортови и на отворено. Локацијата е на околу 50 километри од заливот Акапа, област каде температурите се значително пониски отколку во останатиот дел од државата.

Проектот треба да биде готов во 2026 година, како дел од футуристичкиот самоодржлив проект на саудискиот принц Мохамед бин Салман, планиран за регионот.

„Тројена ќе ја има вистинската инфраструктура за да создаде зимска атмосфера во срцето на пустината и да ги претвори овие Азиски зимски игри во настан без преседан“, рече Надми ал-Наср, извршен директор на проектот..

 

Scroll to Top