Два тима од средните училишта „Орце Николов“, „Зеф Љуш Марку“ и „Раде Јовчевски-Корчагин“ се победници на NASA Space Apps Challenge 2022 во Македонија. Тие беа во конкуренција на 5 тима избрани за финалисти од страна на 5-членото жири, кое едногласно одлучило да избере два тима како првопласирани.
Тимовите Aerth и Yccc-Space Eagles имаат ист број гласови од жирито за понудените решенија за предизвиците.
„Станува збор за висококвалитетни и добро промислени проекти, иновативен пристап, голем обем на сработени активности за само 48 часа и високо ниво на тимска соработка во рамките на хакатонот“, информираат од NASA Space Apps Challenge 2022.
Во тимот Aerth членуваат средношколците Мирослав Мишоски, Илин Московски, Леонид Индов, Марио Блажевски, Матеј Крстески и Калин Јовановски на возраст од 16 и 17 години од СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ и СУГС Гимназија „Орце Николов“. Ментор на тимот е Марко Лазетиќ од Машинскиот факултет.
Во тимот Yccc-Space Eagles членуваат средношколците Анди Ганиу, Ендрит Шаќири, Јасир Идризи, Кренар Ахмет и Дијар Селами на возраст од 17 и 18 години од средното училиште „Зеф Љуш Марку“ од Скопје. Ментор на тимот е Ндерим Нагавци.
The Exposeros е тимот што освои второ место. Тимот го сочинуваат основците Бодан Николов (12) од QSI Internacional School of Skopje, Миа Чаушевска (12) од NOVA Internacional Schools и Јаков Здравевски (13) од IPS.
„Тие се првите ученици кои заради нивото и квалитетот на нивните идеи, обемот на технички познавања, силна визија и функционално решение-прототип изработено во само 48 часа успеаја од младинската конкуренција рамноправно да се натпреваруваат со другите тимови во категоријата 15+ и дури да освојат и пласман“, велат од NASA Space Apps Challenge 2022.
Националните победнички тимови со поддршка на американската амбасада во земјата заедно со менторите ќе патуваат во NASA’s Kennedy Space Centеr.
Тимот на Aerth креирал решение со чија помош корисниците може да следат, но и да го предвидуваат движењето на Меѓународната вселенска станица и притоа учејќи многу интересни и значајни факти за силите што влијаат на нејзината траекторија.
Тимот на Yccc- Space Eagles се фокусирал на изработка на интерактивна мобилна апликација и веб-страница преку која може да се истражуваат позициите и големините на кратерите на Месечината направени од земјотреси преку податоците од НАСА добиени од сеизмички и геофизички податоци прибрани од инструментите што ги имаат остварено астронаутите од мисиите „Аполо“.
Најмладите учесници што го оформија тимот The Exposeros креираа прототип на сонда опремена со независен систем за напојување со енергија за да може да издржи и 60-дневни мисии, која имаше задача да ја истражува планетата Венера.