Швајцарија им забрани на фудбалерите да го покажуваат двоглавиот орел на Светското

Фудбалскиот сојуз на Швајцарија им забрани на фудбалерите да го покажуваат двоглавиот орел на Светското првенство во Катар. Оваа одлука ја донесоа со цел да се избегнат било какви провокации и немири и да се намалат тензиите во пресрет на Мундијалот.

Досега голем број од швајцарските фудбалери со потекло од Балканот го користеа овој симбол додека ги славеа погодоците. Така беше и на натпреварот од пред четири години во квалификациите за Светско со репрезентацијата на Србија.

Со покажување на двоглавниот орел за Швајцарија головите ги славеа Гранит Џака, Џердан Шаќири и Стефан Лихштајнер, кој по потекло не е Албанец. Сега Србија ќе има можност да се реваншира на спортски план, а експертите велат дека овој натпревар ќе биде значително помалку тензичен од претходниот.

Челниците на швајрскиот сојуз ја донесоа ваквата одлука за да ги смират тензиите и да се избегне нервоза на теренот меѓу фудбалерите од Србија и оние кои се со потекло од Албанија и Косово и Метохија.

„Светското првенство не се состои само од натпреварите со Србија, дури и ако знаеме дека овој натпревар е посебен, со оглед на тоа што се случуваше во 2018 година. Не сакаме да ги правиме истите грешки, туку само сакаме да играме фудбал и ништо друго. Не сакаме да испраќаме никакви политички или верски пораки. Сакаме да ги застапуваме нашите вредности. Една од нив е почитувањето. Да покажеме почит кон другите. За мене би било грешка ако со некаков гест ги испровоцираме другите, без разлика на играта“, рече Перлуиџи Тами.

Фудбалската репрезентација на Швајцарија и на Светското првенство во Катар ќе биде богато со фудбалери од Балканот, а за патот на Мундијалот, покрај Шаќири и Џака, ќе конкурираат и Ардон Јашари, Кастриот Имери, Енди Зеќири, Албијан Ајети. Никој од нив нема да смее да го покажува двоглавниот орел.

„Не би требало да постојат зборови, гестови или воопшто било какво однесување кое ќе предизвика други реакции. Кога навиваме, тогаш ја покажуваме својата радост, а тоа е важно. Но, не мораме да бидеме провокативни“, додаде директорот на репрезентацијата на Швајцарија.

Тоа значи дека репрезентативците на оваа земја ќе имаат инструкции да не ги прославуваат головите на начин кој би можел да навреди противнички фудбалер. Швајцарија ќе биде во група со Србија, Бразил и Камерун, а најмногу внимание ќе привлече мечот со Србија.

 

Scroll to Top