Вавилон бил најголемиот град во светот, веројатно првиот со над 200.000 жители, и зафаќал околу 10 квадратни километри. Во центарот на градот се наоѓал големиот храм Мардук со својата кула, која била изградена на повеќе нивоа и позната како Вавилонска кула.
Еден од најпознатите градови на антиката бил главен град на јужна Месопотамија од почетокот на вториот милениум до почетокот на првиот милениум п.н.е. Но тој бил и главен град на Неовавилонската (Халдејската) империја. Денес, неговите урнатини лежат во близина на модерниот град Ал-Хилах во Ирак на реката Еуфрат, на околу 88 километри јужно од Багдад.
Вавилон се развил доста доцна како значаен град според месопотамиските стандарди. Тој станал јадро на малото кралство основано во 1894 година п.н.е. од страна на аморејскиот крал Сумуабум. Ова се случило по падот на третата династија на Ур, под која Вавилон бил центар на провинцијата. Наследниците на кралот Сумабум го зајакнале статусот на Вавилон, а најпознатиот од Аморејската династија, Хамураби (1792 – 1750 п.н.е.), ги освоил околните градови-држави и го претвориле Вавилон во престолнина на кралството кое ја опфаќало цела јужна Месопотамија и дел од Асирија. Поволната локација и политичкото значење на градот го направиле главен трговски и административен центар на Вавилонија.
Поради неговото богатство и углед често бил цел на странските освојувачи. По нападот на Хетитите во 1595 п.н.е, Каситите го контролирале градот, основајќи династија која траела повеќе од четири века. Вавилон станал религиозен и литературен центар.
Помеѓу 9 и 7 век, Вавилон речиси постојано бил под асирска власт. Немирите што ја придружувале зголемената племенска окупација, конечно го убедиле асирскиот монарк Сенахерим, дека мирната контрола на Вавилон е невозможна, и тој наредил да се уништи градот во 689 година.
Халдејскиот водач, Набополасар, го направил Вавилон главен град на кралството по смртта на Ашурбанипал во 626 година. Кралството под водство на неговиот син Навуходоносор II станал значајна империјална сила. Навуходоносор организирал голема програма за обнова и зајакнување на Вавилон.
Александар Македонски го зазел градот во 331 година, па дозволил да се коваат пари и почнал да гради пристаниште за да ја поттикне трговијата. По неговата смрт, неговите генерали се судриле околу власта, а Вавилон преминал во рацете на династијата Селевкиди во 312 година. Важноста на Вавилон се намалила по изградбата на новата престолнина Селевкија на Тигар, каде дел од вавилонското население било преселено во 275 година.
Терминот Вавилонија се однесува на целата култура што се развила на тој простор. Во текот на 8 и 7 век, астрономите во Вавилон развиле нов емпириски пристап кон астрономијата и почнале да ја проучуваат филозофијата што се занимава со природата на универзумот и користеа внатрешна логика со нивните предвидувачки планетарни системи.
Медицината била витална област за која биле заинтересирани Вавилонците. Најстарите вавилонски текстови за медицината датираат од Првата вавилонска династија. Вавилонците ги вовеле концептите на физички преглед, рецепти и дијагноза.
Денес, Вавилон е познат археолошки локалитет кој поседува културни и симболични асоцијации од универзална вредност. Сепак, војната во Ирак од 2003 година имаше разорен ефект врз неколку археолошки локалитети и антиквитети, од кои многу беа оштетени или дури и ограбени. Во јануари 2009 година, Светскиот фонд за споменици, со финансирање од Стејт департментот на САД во соработка со Ирачкиот државен комитет за антиквитети и наследство, објави нов план за зачувување на локацијата на античкиот град Вавилон.