Бојан Ковски е сликар кој скоро седум години се занимава со бодипејнтинг. Поради случајна ситуација тој уметничкото платно го заменил со човечко тело. На самиот почеток немал професионални бои за бодипејнтинг, па цртал со акрил. Боја која тешко се вади бидејќи е наменета за платно и хартија.
На почетокот кога почнувал со бодипејнтингот било комплицирано да најде модел, бидејќи луѓето не знаеле што работи. Но кога почнал попрофесонално да се занимава со перформанси и изложби, пронаоѓање на модел било многу полесно. Техниката ја усовршил, и има се повеќе модели кои сакаат да направат бодипејнт.
Има модели кои ги црта за час и половина, но за целосен бодипејнтинг потребно му е повеќе време, пет до шест часа, во зависнот колку комплициран е самиот бодипејнтинг.
„Секогаш има договор, дали сакаш, дали си заинтересиран, дали ќе се чувствуваш комотно во своето тело да излезеш само со бодипејнт на себе и тоа е најважниот момент кај моделот. Колку ќе се чувствува предизвикано за да изгледа најдобро во тоа што е насликано. Затоа што самиот бодипејнт во себе нема живот, моделот го дава животот и доколку моделот не го износи како што треба јас за џабе сум работел“, вели Бојан за Репортер.
Најчесто девојки и момчиња му пишуваат приватна порака на Инстаграм, дека заинтересирани се за бодипејнтинг.
„Тоа ми е мене многу интересно и многу повеќе сакам да работам со тие луѓе затоа што тоа се луѓе кои навистина сакаат да излезат во бодипејнт да напрват некоја фотогрфија, видео“, раскажува Бојан.
Бојан досега работел за неколку спотови, во Македонија со неколку артисти како ДНК со кои работел на нивни два спота. Но и со балканската ѕвезда Дино Мерлин за потребите на видео запис.
„Со Дино Мерлин беше многу спонтана сработката. Бев излезен на кафе и ми пристигна порака на Инстаграм од режисерката која беше на спотот, дали сум слободен во одреден период да одам да снимаме спот. Целиот договор траеше цели 15 минути. Беше среде пандемија и имаше полициски час и само се спакував и заминав за Црна Гора во Тиват, каде што се снимаше спотот. Потоа имавме уште една соработка со Дино Мерлин за новогодишниот концерт што беше 2020 година. Сега треба да снимаме нов спот, само чекаме да закажат датуми кога треба да одам“, раскажа Бојан.
Додека црташе пред камерата на Репортер, Бојан зборуваше дека во зависност од атмосферата во која што се работи и според тоа се бира бои со кои ќе работи. На поладна температура може да се работи со бои кои што се на водена база и тие многу лесно се симнуваат од телото. Но кога е потопло подобро е да се работи со бои кои што се на маслена база, кои се фиксираат и не се разлева бојата.
„Бодипејнтот мене ми даде тотално различен поглед на целиот мој начин на работа, каде што јас веќе имам тродимензионална површина. Начинот на кој што јас работам го прилагодувам на тоа и како треба да изледа. Првиот бодипејнт што го правев беше инспирација од египетската култура и тоа беше прилично лесно за изработка“, изјави Ковски.
Интересен момент во бодипејнтингот е како сликата ќе движи.
„Тоа што ќе го насликаш, дури го сликаш моделот е застанат во одредена позиција со самото движење на моделот, цело време менува форми, значење, бојата се се меша. Тоа беше многу голем предизвик за мене да можеш да насликаш нешто кое во секоја можна позиција ќе биде точно насликано“, вели Бојан и додава сам на себе го пробал бодипејнтингот за потребите на операта „Queen of the Night“, откако танчер кој бил дел од перформансот се повредил.
„Тоа ме научи како јас да бидам моделот или јас да се појавам пред луѓе. Еден од моите најголеми стравови е да излезам како перформер, бидејќи секогаш сум се криел зад објективот, зад платното, зад моделот“, раскажа Бојан.
Од самите почетоци до сега, вели дека созреал како уметник. Сега е појак е во техника, знае што прави и посигурно ги прави работите.
„Сега се бавам со масло на платно. Ја подготвувам изложбата овој период и гледам да немам толку ангажмани со бодипејтингот, затоа што ми дава момент на оздишка, за кога ќе се вратам, се вратам со полна енергија“, вели Ковски.
Изложбата ќе има во октомври со дела масло на платно во Софија, работниот наслов засега е името „Патерн“ како што била неговата прва изложба.
Габриела Додевска