(Видео) Спасувачите во Турција додека барале преживеани нашле торба со два милиони долари

Спасувачите во Турција додека барале преживеани низ урнатините од земјотресот во градот Газијантеп, нашле торба со два милиони долари, пренесе агенцијата „Анадолија“. Парите веднаш ги пријавиле во полиција. Парите ги нашле во урнатините во резиденцијата Ајше Мејмет Полат од каде спасиле едно лице.

„Вкупно беа околу 2 милиони долари. Спасувачите одма им ги предадоа на специјалците. Нашите луѓе тука се за да спасуваат животи, но и скапоцените работи кои ќе ги најдат да им ги предадат на полицијата. Ова не е единствен ваков случај“, рече шефот на противпожарната служба Чафер Јилмаз.

Претходно од Министерството за вонредни ситуации на Русија, соопштија дека спасувачите од Руската Федерација покрај урнатините на една стамбена зграда во Турција, нашле 150.000 долари во кеш. Средствата одма им ги однеле на локалната полиција.

Во Кахраманмараш, на 6 февруари се случија земјотреси со јачина од 7,7 и 7,6 степени според Рихтер. Се почувствуваа во 11 провинции во земјата, како и во соседните земји, меѓу кои и Србија. Во Турција според последните податоци, животот го изгубија повеќе од 39.000 луѓе, додека со оние во Сирија оваа бројка изнесува и повеќе од 45.000.

Scroll to Top