Според годишното рангирање на „Економист Интелиџенс Јунит“ Виена повторно е прогласена за најдобар град за живеење во светот. Австриската метропола по четврти пат во последните пет години е на првото место, објави австриската јавна радио и телевизија OРФ.
По неа на второ место е Копенхаген, а потоа двата австралиски града Мелбурн и Сиднеј. Ванкувер е на петто место. Цирих, кој минатата година беше на трето место, сега е шести најдобар град за живеење.
Интересно, годинава на оваа листа во првите десет не се најде ниту еден град од Германија. Штутгарт е на 25. место, а пред него е Париз. Според авторите на студијата, големите демонстрации против пензиската реформа го спуштиле рангирањето на француската престолнина, која минатата година беше 19-та.
За споредба, Лондон годинава се најде на 46. место, а Њујорк на 69. место. Рангирањето на градовите се базира на 30 критериуми како стабилност, здравствен систем, култура и животна средина, образование и инфраструктура. Виена нуди идеална комбинација од петте фактори. Единствено нема спортски настани.
Весникот „Курир“ ги напиша предностите во Виена. Тоа се јавниот превоз и изградбата на станови. Безбедноста исто така е критериум од особена тежина при оценувањето. Стапката на криминалот е на најниско ниво во последните 20 години, а се оценуваат и ефектите од инфлацијата врз животот во градот.
Годишните поскапувања на киријата и стапките на детска сиромаштија исто така се дел од оценките.
Импресивната архитектура и извонредните културни споменици не се доволни за добар квалитет на живот, потребите на урбаното население секогаш мора да се ставаат во преден план.