Во венчаница на Диор се омажи јорданската принцеза Иман

Принцезата Иман (27), најстарата ќерка на јорданскиот крал Абдула Втори и кралицата Ранија, во саботата се омажи за Џамил Александар Термиотис во кралската палата во Аман.

Невестата носела елегантен затворен фустан од Диор со долги ракави, кој ја следи линијата на телото, додека кај половината фустанот шири. Венчаницата била украсена со тантела, дискретни делови на градите и околу ракавите. На главата имала дијамантска дијадема.

Двојката читала стихови од Куранот пред да се венчаат и традиционално, тортата ја сечеле со меч.

„Драга моја Иман, ова не е збогум затоа што секогаш си во моето срце и во моите мисли. Господ да ве благослови“, напишала кралицата Ранија под видеото на кое Иман позира во венчаница.

Принцезата, како и нејзината мајка и брат Хусеин, дипломирале на Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

Нејзиниот сопруг Џамил е роден во Каракас, Венецуела, а неговото презиме зборува за грчко потекло. Завршил студии по бизнис администрација и работи во финансискиот сектор во Њујорк.

 

 

 

Scroll to Top