Започнува Ипа вело викендот „На точак, Охрид и Струга да видам“

Во организација на Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) Охрид, утре 13 јуни, започнува Ипа вело викендот „НА ТОЧАК, ОХРИД И СТРУГА ДА ВИДАМ“ во чии рамки, во сабота (14 јуни), ќе се одржи рекреативна велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда.

Овој спортски настан, се одржува по деветти пат а главната цел е актуелизирање на ИПА иницијативата за велосипедско поврзување на двата крајезерски града-Охрид и Струга како и вело конекција Охрид-Св.Стефан, со современо уредена, функционална и безбедна велосипедска патека.

„Овие проектни иницијативи, имаат непроценливо значење за развој на туризмот и велосипедизмот во двата македонски туристички бисери и огромен бенефит за охриѓани, стружани но и туристите од Македонија и светот. На овој начин, ИПА Охрид прави свој обид за промовирање на Охрид, Струга и на целот крајезерски регионот во целина, како атрактивни туристички и вело дестинации што значително ќе ги издигнат на светската вело туристичка мапа и ќе бидат причина плус за зголемен број на туристи на ривиерата. Со ова, упатуваме порака до двете општини, конечно и сериозно да се заложат, велосипедското поврзување на Охрид со Струга Охрид-Св.Стефан, да станат реалност“, велат од ИПА Охрид.

Утре во 19.30 часот, на градското пристаниште во Охрид ќе можат да ги подигнат своите ИПА сетови а стартот на рекреативната велосипедска тура Охрид-Струга-Радожда е во сабота во 08 часот од градското пристаниште во Охрид.

Од крстосницата „Распаќе“ на булеварот „Туристичка“, вело трасата ќе води по една коловозна лента од автопатот во изградба се до поранешниот ресторан „Коцаре“ каде ќе има вклучување по стариот пат Охрид-Струга, покрај брегот на Охридското езеро. Во 08.45 кај „ЕВРО ХОТЕЛ“, е предвидена средба на охридската со струшката вело група а потоа, заеднички ќе се вози низ живописните зелени предели кај Калишта, хотелите „Бисер“, „Изгрев“ и „Макпетрол“ до преубавата Радожда.

„Во време кога државите градат велосипедски автопати, редно е и во охридско-струшкиот регион на Македонија, да имаме безбедни вело патеки а не, да возиме покрај автомобилите, автобусите и камионите и да се ставаме во сериозна и опасна ситуација како ранлива категорија учесници во сообраќајот. Не сакаме повеќе жртви-велосипедисти на небезбедните патишта во регионот, на кои нема ни трага ни глас од вело патеки означени со современа хоризонтална и вертикална сообраќајна велосипедска сигнализација. Токму затоа, ги повикуваме сите членови на ИПА Охрид и ИПА Македонија, сите вело клубови од Охрид, Струга и Македонија, сите граѓани вљубеници во велосипедскиот туринг, да се придружат во сабота, да бидеме побројни и уште еднаш, да испратиме силна порака до надлежните дека сме армија велосипедисти која алармира, конечно да се пристапи кон изградба на современа велосипедска мрежа во најатрактивниот регион во Македонија“, велат од ИПА Охрид.

Scroll to Top