Деца и младинци со оштетен вид од училиштето „Димитар Влахов“ во Скопје формираа прв целосен музички бенд насловен како „Звучен бран“. Членовите на Ротари клубовите Скопје Север и Скопје Исток ја остварија долгогодишната желба на учениците и на раководниот училиштен кадар да се оформи целосен музички бенд. Донацијата, обезбедена со проект поддржан од Сојузот на ротари клубови на Македонија, се оствари по повод Денот на белиот стап посветен на славење на достигнувањата на слепите и лицата со оштетен вид и го покажува нивниот дух на независност.
Со донацијата учениците добија комплет тапани (5 парчиња), две електрични гитари, засилувач за гитара и два микрофона. Заедно со веќе постоечките музички инструменти, училиштето го комплетираше својот прв музички бенд. Во рамки на училиштето функционира и верификувано нижо музичко училиште каде се промовира и практикува индивидуален пристап од 7 до 14 години. Талентираните ученици учат теорија на музика и како да свират на музички инструменти: пијано, хармоника и кларинет.
„Долгогодишна идеја и желба на училиштето и на колегите кои работат во нижото музичко е да се оформи школски бенд кој може да не претставува на локални и меѓународни натпревари и настани. Со тоа да се промовира афирмација и инклузија на лицата со оштетен вид во општеството. Но, „Димитар Влахов“ се соочуваше со значителни финансиски проблеми за одржување на часовите по музика, со оглед на застарените музички инструменти или нивен недостаток“, вели Бобан Спасенцовски, директор на Училиштето за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
По набавка на инструментите, проектот на ротари клубовите предвидува да се продолжи со бесплатна едукација и менторство на децата и младинците од страна на стручни лица од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Затоа што, главна цел на училиштето е да обезбеди квалитетно образование на учениците, користејќи современи методи и форми на работа кои го поттикнуваат развојот на општата култура.
Во моментот, во „Димитар Влахов“ функционира основно училиште со 33 ученици и средно училиште со 15 ученици. Во училишниот интернат се регистрирани 15 ученици. Наставниот процес го одржуваат 30 наставници. Училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид постои повеќе од 60 години. Неговата задача и цел е да ги едуцира и рехабилитира децата и младите со оштетен вид до степен на независност за професионален и личен живот.