Општина Битола објави јавен повик за доделување еднократна финансиска поддршка од по 6.000 денари за млади лица кои, поради привремениот прекин на работата на Испитниот центар во Битола, полагале возачки испит во други градови.
Со мерката локалната самоуправа има цел да им надомести дел од дополнителните трошоци на младите битолчани кои морале да патуваат надвор од општината за да полагаат возачки испит.
Право на финансиска поддршка имаат младите лица со живеалиште на подрачјето на Општина Битола кои ги исполнуваат условите наведени во јавниот повик.
Обезбедени средства за најмногу 50 корисници
За реализација на мерката од општинскиот буџет се обезбедени вкупно 300.000 денари.
Секој кандидат што ќе ги исполни предвидените критериуми ќе добие еднократна субвенција во бруто-износ од 6.000 денари. Со расположливите средства ќе можат да бидат опфатени најмногу 50 корисници, а поддршката ќе се доделува до исцрпување на предвидениот буџет.
Пријавувањето трае 15 дена
Заинтересираните млади лица треба да поднесат барање во рок од 15 дена од денот на објавувањето на јавниот повик.
Деталните услови, потребната документација и начинот на аплицирање се наведени на официјалната интернет-страница на Општина Битола.
Јавниот повик и информациите за аплицирање се достапни на овој линк.
Од локалната самоуправа посочуваат дека со мерката сакаат да ги ублажат финансиските последици за младите граѓани кои, поради неможноста да полагаат во Битола, биле изложени на дополнителни трошоци.






