Македонија официјално го избра својот претставник за Јуниорскиот Евросонг 2026, кој годинава ќе се одржи на 24 октомври во Валета, Малта. Македонската радио-телевизија соопшти дека младата и талентирана Ана Стојаноска ќе ги брани боите на земјата на престижниот детски музички натпревар.
Ана е избрана по спроведена аудиција на која учествувале повеќе кандидати. По внимателно разгледување на настапите, стручната жири-комисија едногласно одлучила токму таа да биде македонскиот претставник, препознавајќи ги нејзините вокални способности, сценска сигурност и голем уметнички потенцијал.
Песната со која Македонија ќе настапи во Малта е авторско дело на познатиот македонски композитор, аранжер и продуцент Никола Мицевски. Композицијата е избрана преку јавен конкурс за автори, а и во овој случај жирито донело едногласна одлука во корист на неговото музичко решение.
Мицевски важи за едно од најзначајните имиња на современата македонска музичка сцена. Во текот на својата кариера создаде бројни хитови и успешни музички проекти, а неговиот препознатлив стил се карактеризира со силна мелодичност, емоционална длабочина и современ продукциски пристап.
За текстот на песната е задолжен Илчо Нечовски, музичар и текстописец кој на пошироката јавност ѝ е познат како член на популарниот македонски бенд „Дупер“. Неговите текстови се препознатливи по искреноста, младешката енергија и современиот израз, што според МРТ ќе ѝ даде дополнителна свежина и автентичност на песната.
Од Македонската радио-телевизија истакнуваат дека новиот евровизиски проект ги обединува младоста и талентот на Ана Стојаноска со искуството и креативноста на авторскиот тим, со цел Македонија да се претстави со модерна песна исполнета со емоции, позитивна енергија и силна порака за младата публика ширум Европа.
Јуниорскиот Евросонг 2026 ќе се одржи во главниот град на Малта – Валета, а повеќе детали за песната, видеоспотот и официјалната промоција на македонскиот претставник ќе бидат објавени во наредниот период.






