Ашер одговори на бизарните гласини дека испратил „клон“ наместо него на концерт: „Вештачката интелигенција не е толку напредна“

Необична теорија се прошири на социјалните мрежи по настапот на Ашер во Њу Џерси, откако дел од посетителите на концертот почнаа да тврдат дека на сцената во одреден момент не бил вистинскиот пејач, туку негов двојник.

Ашер брзо реагираше на гласините и со шеговит тон ги отфрли тврдењата дека ангажирал „клон“ кој наместо него извел неколку песни.

Пејачот на Инстаграм се пошегува дека луѓето се многу забавни со ваквите теории и порача дека вештачката интелигенција „сè уште не е толку напредна“ за да создаде негова копија.

Гласините започнаа откако на социјалните мрежи се проширија видеа од првата вечер на турнејата „The R&B Tour“ на Ашер и Крис Браун на стадионот „Метлајф“ во Њу Џерси.

Осумкратниот добитник на „Греми“, кој има 47 години, на снимките се гледа облечен целосно во бела комбинација, со бела бејзбол капа и очила за сонце, додека ги изведува своите хитови „Caught Up“ и „Bad Girl“.

Но токму неговиот изглед и однесувањето на сцената предизвикаа сомнежи кај дел од публиката.

Некои посетители тврдеа дека лицето на човекот што настапувал изгледало поинаку, а други посочуваа дека и неговиот говор на телото не бил карактеристичен за Ашер.

Една корисничка на ТикТок дури напиша дека пејачот навистина испратил свој двојник на сцената.

Други коментираа дека се збунети бидејќи во еден момент им изгледало како да го гледаат вистинскиот Ашер, а во друг момент биле убедени дека станува збор за друга личност.

На социјалните мрежи се појавија и шеговити прекари за наводниот двојник.

Посебно внимание привлече забелешката на една корисничка која тврди дека на рацете на човекот од снимката не можела да ги забележи препознатливите тетоважи на Ашер.

Според неа, вистинскиот Ашер има тетоважи во форма на ѕвезда на двете раце, во пределот меѓу палецот и показалецот. Таа навела дека паузирала и зумирала повеќе кадри од видеото, но не успеала да ги забележи тетоважите, што дополнително ја поттикнало интернет-дебатата.

Ашер, сепак, категорично ги отфрли шпекулациите и со хумор одговори дека никој не може толку лесно да го „клонира“.

Ова не е првпат пејачот во последниот период да стане тема на социјалните мрежи поради случување на концерт.

Минатиот месец внимание привлече и ситуација во која една обожавателка беше отстранета од сцената откако изгледаше незаинтересирано за неговиот настап.

Ашер во тој момент ја изведувал песната „Can U Handle It?“ и се обидувал да ѝ приреди близок сценски настап, но девојката постојано се оддалечувала од него.

Подоцна беше објавено дека станува збор за Габриел Шајен.

Таа по инцидентот се огласи во јавноста и ги критикуваше жените кои оставале негативни коментари за нејзиното однесување.

Шајен нагласи дека нема никаква нетрпеливост кон Ашер, но призна дека повеќе би сакала да се најде на сцената со неговиот партнер од турнејата, 37-годишниот Крис Браун.

Актуелната „теорија за клонот“, сепак, предизвика уште поголемо внимание, а видеата од настапот на „Метлајф“ продолжија масовно да се споделуваат додека фановите анализираат детали од изгледот и движењата на пејачот.

Scroll to Top