Битола ова лето ќе добие нов музички настан кој има амбиција да прерасне во препознатлива фестивалска традиција. На 3 јули 2026 година, во Пациото на НУ Завод и Музеј Битола, ќе се одржи првото издание на фестивалската вечер „Д Бест оф Битола“, настан што на едно место ќе ги обедини битолските музичари, различните музички жанрови и публиката која отсекогаш била препознатлива по љубовта кон добрата музика.
Зад организацијата стојат Оркестар DIVA и Владимир Димовски, кои преку овој проект сакаат да ја истакнат богатата музичка сцена на градот и да покажат дека Битола има свои уметници, свој препознатлив звук и публика која знае да ја поддржи домашната музика.
Фестивалот доаѓа како продолжение на успешната приказна започната со големиот музички спектакл „Stars Symphony“, кој пред две години се одржа на Градскиот стадион во Битола. Настанот тогаш траеше седум часа и обедини бројни домашни и регионални музички имиња меѓу кои Паркети, Brass Brothers, Superhiks, Love Itoya, Konstrakta, Schiller, Наде Талевска, Каролина и многу други.
Овојпат концептот е поинаков, но со иста цел – создавање незаборавно музичко искуство во срцето на Битола. Пациото на Завод и Музеј ќе биде трансформирано во фестивалски простор каде во текот на вечерта ќе се редат настапи на неколку добро познати битолски изведувачи и состави.
На сцената ќе настапат Чоканче, Паркети, Brass Brothers, CODE369, Гром и Бранислав Николов од Фолтин, придружувани од Оркестар DIVA. Комбинацијата на различни музички стилови и оркестарски аранжмани ветува уникатно доживување за посетителите.
Посебно внимание привлекува и проектот „Industrial Symphony“, ново музичко остварување на Оркестар DIVA кое годинава премиерно беше претставено во Скопје. Станува збор за смел и модерен концепт кој носи поинаков пристап кон симфониската музика и кој ќе биде едно од изненадувањата на фестивалската програма.
Фестивалската вечер ќе започне во 21:00 часот и ќе трае до 01:00 часот по полноќ. По завршувањето на концертниот дел, атмосферата ќе продолжи со DJ сет кој ќе стави точка на една вечер исполнета со музика, дружење и препознатлива битолска енергија.
Организаторите истакнуваат дека „Д Бест оф Битола“ има за цел да ги поврзе генерациите, да ја афирмира локалната музичка сцена и да покаже дека Битола и понатаму останува еден од најзначајните музички центри во Македонија.
📍 Пацио на НУ Завод и Музеј Битола
📅 3 јули 2026 година
🕘 21:00 – 01:00 часот
🎧 DJ сет по концертната програма
🎫 Влезниците се во продажба преку yournextevent.info и во Тобако Димпо – Битола.






