Бред Пит со неочекувано признание: По седум години повторно почнал да пие

Бред Пит откри дека по седум години целосна апстиненција повторно почнал повремено да консумира алкохол, но тврди дека сега е многу повнимателен и дека си поставува строги граници.

Во интервју за „Esquire“, објавено во понеделникот, 62-годишниот актер отворено зборувал за својот однос кон алкохолот и за периодот во кој бил целосно трезен.

„Бев трезен седум години. А потоа повторно излегов од тој режим“, изјавил Пит низ смеа.

Тој објаснил дека сега пристапува многу повоздржано и дека неколкупати сфатил оти претераната самоувереност не му носи ништо добро.

„Неколкупати станав премногу самоуверен и си реков: Да, не, ова не е добро за мене. Не во големи количини“, објаснил актерот.

Темата се отворила откако Пит му понудил вино на новинарот за време на интервјуто, кое било одржано во неговиот дом во Лос Анџелес, вреден околу 12 милиони долари.

Откако признал дека повеќе не е целосно трезен, актерот рекол дека може да испие неколку чаши вино, но дека знае дека не смее да претера.

„Морам да бидам професионален во врска со тоа“, изјавил Пит.

Неговата одлука да престане со алкохолот датира од 2016 година, периодот кога се распадна неговиот брак со Анџелина Џоли.

Во интервјуто Пит зборувал и за исклучително тежок личен период поврзан со семејните проблеми, кога, според неговите зборови, се соочувал со сериозна емоционална криза. Тој нагласил дека не планирал да си наштети, но дека периодот бил исклучително тежок за него.

Пит престанал да пие по инцидент во приватен авион во 2016 година, кој подоцна беше посочуван како еден од настаните што придонеле за распадот на неговиот брак со Џоли.

Во судски документи, Џоли тврдеше дека Пит за време на инцидентот физички се однесувал насилно кон неа и кон едно од нивните шест деца. Станува збор за тврдења изнесени од Џоли во рамки на нивниот долгогодишен правен спор.

Поранешната двојка има шест деца – Медокс, Пакс, Захара, Шајло и близнаците Нокс и Вивиен.

Пит и Џоли беа прогласени за законски слободни во 2019 година, додека нивната долгогодишна бракоразводна постапка беше конечно завршена минатата година.

Актерот, кој според американските медиуми има нарушени односи со дел од своите најстари деца, првпат јавно откри дека престанал да пие во интервју за „The New York Times“ во 2019 година.

Тогаш кажа дека стигнал до точка кога морал целосно да се откаже од алкохолот и дека се приклучил на програма за опоравување во 12 чекори.

„Ги доведов работите онолку далеку колку што можев, па си ја одзедов привилегијата да пијам“, изјавил тој во тоа време.

Минатата година Пит повторно зборуваше за тој период во поткастот „Armchair Expert“ на Дакс Шепард.

Тој својата прва средба на „Анонимни алкохоличари“ ја опиша како исклучително значајно искуство, признавајќи дека во тој период бил во многу тешка состојба и дека чувствувал потреба од целосна промена.

„Пробував сè и сешто, што и да ми предложеше некој. Беше тежок период. Ми требаше рестартирање“, објаснил актерот.

Пит призна дека на почетокот му било непријатно кога дошол моментот и тој да зборува пред групата, но отвореноста на другите учесници му помогнала постепено и самиот да се отвори.

„Кога гледаш дека сите се толку отворени, тоа ти дава дозвола да кажеш: ‘Во ред, ќе излезам на работ и ќе видам што ќе се случи’. А потоа навистина почнав да го сакам тоа“, раскажал тој.

Ѕвездата на филмот „F1“ во изминатите години повеќепати јавно зборуваше за промените што ги направил во својот живот по разделбата со Анџелина Џоли. Новото признание покажува дека по седум години целосна апстиненција повеќе не се смета за целосно трезен, иако вели дека внимателно го контролира својот однос кон алкохолот.

Scroll to Top