Поп-ѕвездата Бритни Спирс повторно се најде во центарот на вниманието откако јавно проговори за своите емотивни предизвици по неодамнешното апсење поради возење под дејство на алкохол и престојот во центар за рехабилитација. Во објава на Инстаграм, која подоцна беше избришана, пејачката искрено зборуваше за своите чувства, признавајќи дека зад себе има „навистина интересна година“.
Во долгата порака, 44-годишната пејачка откри дека токму кујната е местото каде најчесто се соочува со силни емоции и спомени од минатото.
„Имам многу емотивни проблеми кои ми се појавуваат токму во кујната. Немам поим зошто. Претпоставувам затоа што таму како семејство се собиравме за да славиме, да се молиме и да готвиме“, напиша Спирс.
Таа откри и дека во последниот период многу време посветила на креативни активности и рачни изработки. Особено емотивно зборуваше за витражна ламба која самата ја изработила по една ноќ исполнета со сликање и креативна работа.
„Бев вљубена во таа ламба. Знам дека беше само скршено стакло составено заедно за да создаде светлина, но ми донесе чувство на мир какво што одамна немав почувствувано“, напиша пејачката.
Ламбата стоела во нејзината кујна три месеци, а Бритни признала дека повторно почнала со задоволство да влегува во кујната, дури и доцна навечер за да јаде житарици или мали закуски.
Сепак, радоста не траела долго. Според нејзините зборови, една домашна помошничка случајно ја фрлила ламбата, што ја погодило многу.
„Навикната сум луѓето да ми ги земаат работите“, напиша таа во емотивниот пост.
Апсење поради возење под дејство на алкохол
Исповедта на Бритни доаѓа само неколку месеци по нејзиното апсење на 4 март годинава во округот Вентура, Калифорнија. Полицијата ја запрела откако наводно управувала возило на небезбеден и непредвидлив начин.
На снимките од полициската интервенција се гледа како Спирс има потешкотии при извршувањето на тестот за алкохолизираност, додека на полицајците им изјавила дека претходно испила само една мимоза.
Според полицискиот извештај, пејачката признала и дека користела повеќе препишани медикаменти, меѓу кои Адерал, Ламиктал и Прозак.
Рехабилитација и нов почеток
Само еден месец по апсењето, Бритни доброволно се пријавила во центар за рехабилитација, каде останала до крајот на април.
По напуштањето на установата, извори блиски до пејачката изјавија дека таа е во значително подобра состојба.
„Бритни е здрава, среќна и многу позитивна. Возбудена е што започнува ново поглавје во животот. Рехабилитацијата ѝ помогна повторно да најде внатрешен баланс“, изјавил извор близок до пејачката.
Нејзиниот адвокат Мајкл Голдстајн неодамна ја застапуваше на суд, каде беше прифатен договор за поблага казна. Според судската одлука, Бритни ќе мора да посетува тримесечна програма за едукација поврзана со алкохол и ќе биде под неформален надзор во наредната година.
„Гледам кон посветла иднина“
Според извори блиски до пејачката, таа продолжува со психолошко советување и по напуштањето на рехабилитацијата, а фокусот го насочила кон личното закрепнување, уметноста и менталното здравје.
Луѓе од нејзиното опкружување тврдат дека Бритни е решена да го остави турбулентниот период зад себе и да се посвети на помирен и постабилен живот.
„Таа гледа кон светла иднина и сака конечно да пронајде мир“, велат блиски извори до поп-ѕвездата.
Со својата искрена исповед, Бритни Спирс уште еднаш покажа дека и зад светскиот успех, славата и милионите обожаватели стои човек кој се бори со сопствени предизвици, обидувајќи се повторно да пронајде рамнотежа и среќа во секојдневниот живот.






