Деми Мур ја носи најубавата летна пунџа: Елегантна фризура која се прави за само неколку минути

Кога температурите растат, подигнатата коса станува еден од најдобрите сојузници во текот на летото. Практична е, удобна, но со вистинскиот начин на стилизирање може да изгледа исклучително елегантно и префинето.

Подигнатите фризури секоја година се враќаат меѓу најголемите летни трендови, но оваа сезона една верзија особено го привлече вниманието. Деми Мур се појави во првиот ред на ревијата за висока мода на модната куќа „Balenciaga“ за сезоната есен/зима 2026 во Париз со фризура која веќе доби свое име – „Ballerina Off-Duty Bun“, односно лежерна балерина-пунџа.

Зад софистицираниот изглед стои нејзиниот долгогодишен фризер Димитрис Џанетос. Неговата идеја била да создаде едноставна фризура која ќе претставува совршена рамнотежа на модерната модна комбинација што актерката ја носела на ревијата.

„Сакав фризурата да биде многу едноставна, минималистичка и модерна, а истовремено романтична и безвременска“, напиша Џанетос покрај фотографиите објавени на Инстаграм.

Поопуштена верзија на класичната балетска пунџа

За разлика од традиционалната балетска пунџа, препознатлива по строго измазнетата коса и прецизно дефинираната форма, верзијата што ја носеше Деми Мур изгледа значително порелаксирано и поприродно.

Пунџата е поставена на средината на главата, додека неколку нежно брановидни прамени слободно паѓаат околу лицето. Токму тие детали ѝ даваат на фризурата помек и поромантичен изглед.

Комбинацијата на уредност и лежерност ја прави оваа фризура идеален избор за топлите летни денови. Доволно е елегантна за посвечени пригоди, но истовремено одлично се вклопува и со ленена кошула, едноставен летен фустан или секојдневна градска комбинација.

Необичен мирисен детал во косата

Џанетос го заокружил целиот изглед со еден невообичаен детаљ. Неколку капки од парфемската вода „Initio Can’t Get Enough“ нанел на косата на актерката, со цел фризурата да остава и суптилна мирисна трага.

Деми Мур со години е препознатлива по својата долга и совршено права коса, која стана еден од нејзините заштитни знаци при појавувањата на црвениот тепих.

Овојпат, сепак, актерката покажа дека и навидум едноставната пунџа може да изгледа подеднакво гламурозно и софистицирано.

Нејзината лежерна „балерина надвор од проба“ е одлична летна инспирација за сите кои бараат практична фризура што истовремено зрачи со префинетост, романтика и ненаметлива елеганција.

 

Scroll to Top