Хрватската музичка ѕвезда Нина Бадриќ деновиве ги полни батериите на еден од нејзините омилени острови – Хвар. По напорната концертна сезона, пејачката одлучи да се повлече од секојдневниот ритам и да ужива во мирот, природата и убавините на Јадранското Море.
На својот Инстаграм профил таа сподели серија фотографии на кои позира во сосема природно издание – без шминка и без гламур, покажувајќи дека најмногу ужива кога е далеку од градската врева.
Со фотографиите Нина објави и искрена порака во која откри што за неа претставува вистинскиот одмор.
„Овде се чувствувам како дете и веројатно затоа постојано му се враќам на ова чувство. Тука нема шминка, нема позирање. Тука сум слободна, босонога, стопена со природата, со мирисот на лаванда и морето како лек, изолирана од сè. Уште да се тргнам од социјалните мрежи и детоксот би бил целосен“, напиша Бадриќ.
Пејачката откри и дека секогаш кога ги слуша безвременските песни на легендарниот Оливер Драгоевиќ, пред очи ѝ се појавува морето, што уште еднаш ја потврдува нејзината силна поврзаност со далматинскиот амбиент.
Нејзината објава за кратко време привлече големо внимание на социјалните мрежи и собра илјадници лајкови и бројни позитивни коментари.
Обожавателите не штедеа комплименти за нејзиниот природен изглед, истакнувајќи дека изгледа прекрасно и без шминка, а многумина ја нарекоа „вистинска дама“, „жена со стил и достоинство“ и пример дека природната убавина секогаш е највпечатлива.
Со овие фотографии Нина уште еднаш покажа дека најголемиот луксуз не е гламурот, туку можноста да се биде во хармонија со природата, далеку од секојдневниот стрес и обврски.






