Кејт Мидлтон за првпат искрено проговори за борбата со ракот и болката што ја носело целото семејство

Принцезата од Велс, Кејт Мидлтон, за првпат јавно и отворено зборуваше за личната борба со ракот и за влијанието што болеста го имала врз нејзините деца, родители и најблиски членови на семејството.

За време на емотивната посета на центар за лекување на пациенти со рак во Манчестер, Кејт откри дека најтешкиот дел од борбата не бил само третманот, туку и фактот што низ истата неизвесност и страв поминувале и нејзините најблиски.

На принцезата ѝ беше дијагностициран рак на почетокот на 2024 година, по што следуваше неколкумесечна хемотерапија која траеше до септември истата година. Во јануари 2025 година таа соопшти дека болеста е во ремисија.

Посетата на центарот во Манчестер беше исполнета со силни емоции. Таму Кејт разговараше со пациенти кои минуваат низ слични животни предизвици, меѓу кои и Клер Лоран, која токму тој ден ја заврши хемотерапијата и симболично заѕвони на ѕвончето што означува крај на една од најтешките фази од лекувањето.

Во разговор со партнерот на пациентката, принцезата искрено проговори за сопственото искуство.

„Знам колку беше тешко за моите деца и моите родители. Поминувате низ сè заедно“, изјави Кејт.

Таа нагласи дека товарот од болеста никогаш не го носи само пациентот.

„Знам дека е подеднакво тешко и за семејството и за најблиските“, рече принцезата.

Во еден од најтрогателните моменти од посетата, таа му се обрати на малото бебе на пациентката и со насмевка рече:

„Не е ли мама храбра?“

И принцот Вилијам претходно зборуваше за периодот низ кој поминало семејството. Тој откри дека со Кејт одлучиле да бидат максимално искрени со своите деца и на начин соодветен на нивната возраст да им објаснат што се случува.

„Решивме да комуницираме многу повеќе со децата за сè што се случува. Тоа има свои предности и недостатоци. Понекогаш чувствувате дека им кажувате повеќе отколку што треба, но криењето работи обично не функционира“, изјави Вилијам за време на посетата на Бразил минатата година.

Тој додаде дека најважно за нив било децата да се чувствуваат сигурно и заштитено, бидејќи и кога не знаат сè, тие чувствуваат дека семејството минува низ тежок период.

Кејт во разговорите со пациентите призна дека болеста целосно го променила нејзиниот поглед кон животот и приоритетите.

„Таквото искуство става многу работи во перспектива и ве тера уште повеќе да го цените она што е навистина важно“, истакна таа.

Принцезата откри и дека по поставувањето на дијагнозата значително ги променила своите животни навики.

„Откако ми ја поставија дијагнозата, многу ретко пијам алкохол. Сега многу повеќе внимавам на тоа“, изјавила Кејт во едно од нејзините претходни обраќања.

Таа потенцираше дека процесот на закрепнување не е само физички, туку и емоционален предизвик кој длабоко влијае врз целото семејство.

„Треба да се грижите за себе и да прифатите дека постојат работи што не можете да ги контролирате. Телото поминува низ огромни промени – не само физички, туку и емоционални, на многу подлабоко ниво. Исто така е многу тешко за семејствата“, порача принцезата.

По посетата, Кејт се огласи и на социјалните мрежи, каде испрати силна порака до сите кои се соочуваат со оваа болест.

„Дијагнозата за рак влијае на умот, телото и најдлабокиот дел од нас. Начинот на кој се справуваме со стравот, неизвесноста и промените е длабоко личен“, напиша таа, изразувајќи благодарност до пациентите и медицинскиот персонал за нивната храброст, сила и посветеност.

Нејзината искрена исповед предизвика бројни реакции во јавноста и уште еднаш покажа дека зад титулите и кралските должности стои мајка и сопруга која, како и илјадници други луѓе ширум светот, се соочила со една од најтешките животни битки.

Scroll to Top