Горгина Родригез помина долг пат од релативно анонимна девојка која работела како продавачка во Мадрид до една од најпрепознатливите жени во светот. Нејзината љубовна приказна со Кристијано Роналдо трае веќе осум години, а на 11 август 2026 година двојката ја круниса врската со брак на приватна церемонија во Португалија.
Денес нејзиниот живот го следат повеќе од 74 милиони луѓе на социјалните мрежи, а Горгина изгради сопствена кариера како модел, инфлуенсерка и претприемачка.

Од скромно детство до Мадрид
Иако денес нејзиното име често се поврзува со луксузен живот, Горгина потекнува од значително поскромна средина.
Родена е во Буенос Аирес, Аргентина, а пораснала во шпанскиот град Хака.
Од најрана возраст се занимавала со балет, што, како што самата има истакнато, ѝ помогнало да развие дисциплина.

Во училишните години често се чувствувала осамено и сакала да поминува време во сопствениот свет.
На 18-годишна возраст се преселила во Мадрид, каде работела различни работи пред да влезе во светот на модата како продажна асистентка.
Средбата што ѝ го промени животот
Нејзиниот живот целосно се променил во 2017 година, додека работела во продавница на Gucci во Мадрид.
Како што раскажа во документарната серија „I Am Georgina“, еден колега ја замолил да остане неколку минути подолго поради клиент кој требало да пристигне.

Токму тогаш во продавницата влегол Кристијано Роналдо.
Горгина подоцна за „Vogue Arabia“ изјавила дека уште при првата средба почувствувала нешто необично.
„Почувствував нешто во себе што не може да се објасни, како да се познаваме цел живот“, изјавила таа.
Роналдо, пак, за неа рекол дека била „многу интересна девојка, многу позрела за своите години“.

„Моите колеги полудеа. Тие доаѓаа на работа со автобус, а јас си заминував со Bugatti“, се присетила Горгина во документарецот на почетоците на врската.
Двојката официјално ја потврди блискоста со првото заедничко појавување на црвен тепих во јануари 2017 година, на доделувањето на наградите на ФИФА за најдобар фудбалер.
Со нив тогаш бил и најстариот син на Роналдо, Кристијано Јуниор.

Иако јавноста првично ја запозна како партнерка на еден од најпознатите фудбалери во светот, Горгина со текот на годините изгради сопствен професионален идентитет.
Таа работела како модел за престижни модни списанија, меѓу кои „Vogue“ и „Elle“, а соработувала и со познати модни куќи како Prada и Chanel.
„Преку мојата личност и мојата сила покажав дека имам сопствена светлина и сопствен пат што го следам“, изјавила Горгина во интервју за „Vogue Arabia“.

Покрај моделството, таа се занимава и со претприемништво.
Горгина е сопственичка на модниот бренд „Mimoa“, а заедно со Роналдо ја поседува и агенцијата за недвижности „Bellhatria“.
Семејството на прво место
И покрај кариерата и јавниот живот, Горгина повеќепати истакнувала дека најважната улога за неа е мајчинството.

Заедно со Роналдо одгледува пет деца во Саудиска Арабија.
Близнаците Ева Марија и Матео се родени во јуни 2017 година, додека нивната ќерка Алана Мартина е родена во ноември истата година.
Во април 2022 година се роди нивната ќерка Бела.
Истата година семејството се соочи и со голема трагедија, кога нивниот син Анхел почина при породувањето. Двојката тогаш ја опиша загубата како најголемата болка што еден родител може да ја почувствува.
Роналдо има и најстар син, Кристијано Јуниор, роден во јуни 2010 година од претходна врска.
Горгина и претходно зборувала дека сака децата да растат опкружени со љубов, но истовремено да научат да бидат борци и да го ценат она што го имаат.
Веридба со прстен вреден милиони
По осум години врска, Роналдо ја запросил Горгина во август 2025 година.
Посебно внимание привлекол свршеничкиот прстен, чија вредност била проценета на повеќе од два милиони долари.
Според „Elle Spain“, Горгина тогаш се пошегувала дека тоа било „најмалку што можел да ѝ понуди по 10 години чекање“.
Интимна венчавка во Португалија
По долгогодишната врска, заедничкиот живот и проширувањето на семејството, Кристијано Роналдо и Горгина Родригез конечно стапија во брак.
Свадбата се одржа на 11 август 2026 година во Португалија, на приватна церемонија во присуство на нивните деца.
Од девојка која работела во продавница во Мадрид до жена со сопствени бизниси, милиони следбеници и семејство со една од најголемите спортски ѕвезди на денешницата, животната приказна на Горгина Родригез денес е далеку од онаа што ја живеела пред средбата со Роналдо во 2017 година.






