Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб повторно потврди дека е значаен промотор на македонската култура во Хрватска, организирајќи уште еден исклучително посетен културен настан. Пред преполна сала беше одржано аудио-визуелното предавање „Историја на македонската рок музика“ на авторот и истражувач Тошо Филиповски, кое предизвика голем интерес кај љубителите на музиката и културата.
Покрај предавањето, посетителите имаа можност да ја разгледаат и изложбата поставена во рамки на настанот. На вечерта присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, претставници на локални и државни институции, бројни гости и љубители на македонската рок сцена.

Настанот го отвори директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, која го претстави Тошо Филиповски и се осврна на неговото богато творештво и долгогодишната посветеност во истражувањето, документирањето и афирмацијата на македонската рок музика.
Таа истакна дека неговата повеќедецениска работа претставува непроценлив придонес за зачувувањето на современото македонско музичко наследство и колективната културна меморија.

На присутните им се обрати и амбасадорот на Република Македонија во Република Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, кој посочи дека Македонскиот КИЦ во Загреб има значајна улога во промоцијата на македонската култура и во јакнењето на културната дипломатија.
Тој нагласи дека преку вакви програми успешно се продлабочуваат културните врски и пријателството меѓу Македонија и Хрватска.
Преку богата аудио-визуелна презентација, исполнета со ретки фотографии, архивски видеоснимки, музички записи и интересни сведоштва, публиката имаше можност да го проследи повеќедеценискиот развој на македонската рок сцена – од нејзините почетоци во шеесеттите години на минатиот век, па сè до денес.

Тошо Филиповски е автор на повеќе капитални изданија, меѓу кои „Македонска рок енциклопедија 1963–2018“, „Македонска дискографија – винили“, „Македонски рок времеплов“, монографијата „Мизар – Откровенија“, биографијата „ГОТРА“ и најновата монографија „Суперхикс – Хроника на една гласна иронија“.
Покрај авторската работа, Филиповски со години е активен како новинар, уредник, радио-водител, телевизиски автор, организатор на фестивали, издавач и промотор, оставајќи значаен белег во зачувувањето и афирмацијата на македонското музичко наследство.
По успешното гостување во Загреб, неговата аудио-визуелна презентација продолжува и во други хрватски градови – Ријека, Пула, Сплит и Дубровник, каде публиката ќе има можност да се запознае со богатата историја и развој на македонската рок музика и рок култура.
Настанот беше реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам.






