Оваа сабота во Скопје, Мијата ќе настапи на Школка во Градски парк, како дел од јубилејното 15-то издание на Виноскоп, кое се одржува од 13 до 17 мај. Настапот на 16 мај за неа има посебно значење, бидејќи ова е нејзино прво учество на фестивалот кој со години ја гради приказната за виното, музиката и градското дружење.
Има луѓе кои на сцена носат само песна, а има и такви кои со себе носат цел еден животен ритам. Кај Мијата, тој ритам отсекогаш бил малку поинаков. Во него има музика, патувања, семејство, воздухопловна прецизност, филолошка љубов кон јазикот, хуманитарна посветеност и онаа тивка, но препознатлива женска енергија што не мора да биде гласна за да остави впечаток.
Токму тој спој на емоција и дисциплина, сцена и прецизност, јавен настап и лична одговорност, ја прави нејзината приказна поинаква. Во пресрет на саботниот настап, Мијата зборува за Виноскоп, за вината што ги сака, за оние што ги избегнува поради гласот, но и за новата песна „Ти биди свој“, која наскоро треба да биде претставена пред македонската публика.
„Искрено, многу сум возбудена што за првпат ќе бидам дел од програмата на Виноскоп. Виноскоп е традиционална манифестација која не само што ги сплотува љубителите на виното, туку ги сплотува и скопјани во добра атмосфера и музика“, вели Мијата.
За неа, Виноскоп не е само настан на кој се дегустира вино, туку простор каде што луѓето се среќаваат, се опуштаат и ја чувствуваат градската енергија на поинаков начин. Како изведувач, токму таа непосредност ја бара и на сцената – комуникација со публиката која не е формална, туку искрена, директна и жива.
„Го сакам виното и сакам да пијам вино, затоа што, нели, во виното е вистината. Луѓето се разоружуваат кога пијат вино и стануваат вистински онакви какви што се. А јас, како изведувач и музичар, се трудам токму таква да биде и мојата комуникација со публиката – искрена и директна. Се надевам дека публиката што ќе биде во сабота и ќе присуствува на мојата изведба на Виноскоп ќе посведочи на таква искрена изведба“, додава таа.
Кога станува збор за виното, Мијата открива дека најмногу ужива во посветли, розе и полесни вина. Меѓу омилените го издвојува „Барово розе“ на Тиквеш.
Од друга страна, тешките црвени вина најчесто ги избегнува, особено пред настапи. Причината не е само вкусот, туку и нејзината професионална грижа за гласот.
„Сакам порозеви и посветли вина. Избегнувам црвени и тешки вина затоа што ми создаваат конгестии во грлото и ми прават проблем со гласот“, открива Мијата.
Надвор од музиката, Мијата сака да танцува и да патува со своето семејство на нови дестинации. По образование е дипломиран филолог по англиски јазик и книжевност, а токму англискиот јазик е една од врските што ја следат и во нејзиниот професионален и музички пат. Публиката ја препознава како пејачка, но нејзиниот животен ритам денес се движи меѓу сцената, семејството и одговорната професија во воздухопловството.
Дополнително, таа е активна и во хуманитарниот сектор. Од оваа година е дел од Управниот одбор на СОС Детско село, по претходното учество во Собранието на организацијата. Тоа е ангажман на кој, како што истакнува, е исклучително горда, бидејќи нејзината волонтерска работа и посветеност кон оваа организација добиле нова, уште позначајна улога.
Паралелно со музичките активности, Мијата работи и на нов проект. Во тек е снимањето на спотот за нејзината нова песна „Ти биди свој“, која наскоро, а можеби и до крајот на овој месец, треба да биде пуштена во етерот на македонската музичка сцена.
Симболично, и самиот наслов на песната се надоврзува на она за што Мијата зборува во пресрет на Виноскоп – искреноста, автентичноста и потребата човек да остане свој, и на сцената и надвор од неа.
На 16 мај, на Школка во Градски парк, публиката на Виноскоп ќе има можност да ја види Мијата во издание кое, како што најавува, ќе биде искрено, директно и музички блиско до луѓето.
„Голем поздрав до сите и се гледаме во сабота на Школка – Градски парк!“, порачува Мијата.






