Рафаел Надал откри: Пред снимањето на спотот со Шакира испив неколку чашки текила

Легендарниот шпански тенисер Рафаел Надал откри интересен детал од својата кариера надвор од тениските терени, признавајќи дека морал да испие неколку чашки текила пред снимањето на спотот за песната „Gypsy“ на светската музичка ѕвезда Шакира.

Откритието го направи во новиот документарен серијал „RAFA“ на Нетфликс, во кој 39-годишниот Шпанец зборува за најважните моменти од својата кариера, но и за предизвиците со кои се соочувал надвор од спортот.

Станува збор за снимањето на музичкиот спот во 2010 година, период кој се смета за една од најуспешните сезони во кариерата на Надал. Токму таа година тој ги освои Ролан Гарос, Вимблдон и УС Опен, станувајќи еден од ретките тенисери кои успеале да врзат три гренд-слем титули во иста сезона.

Во спотот за песната „Gypsy“, кој денес има десетици милиони прегледи на Јутјуб, Надал се појавува во неколку романтични сцени со колумбиската пејачка Шакира. Во дел од кадрите тој е без маица, додека Шакира танцува околу него, а видеото завршува со сцени кои предизвикаа големо внимание кај јавноста и медиумите ширум светот.

Во тоа време многумина коментираа дека меѓу двајцата постои силна хемија пред камерите, иако Надал тогаш веќе беше во долгогодишна врска со Марија Франциска Перело, која подоцна стана негова сопруга.

Во документарецот, Надал откри дека снимањето на ваквите сцени не му било воопшто лесно.

„Се сеќавам дека кога одев да го снимам спотот со Шакира побарав шише текила и испив неколку чашки за малку да се опуштам“, раскажува Надал во серијата.

Иако на тениските терени секогаш изгледаше сигурно и самоуверено, тој признава дека никогаш не се чувствувал удобно кога требало да биде во центарот на вниманието надвор од спортот.

По освојувањето на УС Опен во 2010 година и комплетирањето на таканаречениот кариерен Гренд слем, неговата популарност достигнала ново ниво, што довело до бројни телевизиски гостувања, интервјуа и медиумски обврски.

„По освојувањето на УС Опен настана вистинска медиумска еуфорија. Но јас никогаш не сакав да бидам во центарот на вниманието“, признава поранешниот светски рекет број еден.

Неговиот долгогодишен портпарол Бенито Перез-Барбадиљо потврди дека Надал никогаш не уживал во јавните настапи на начин на кој многумина претпоставувале.

Според него, шпанскиот тенисер секогаш бил свесен дека медиумските појавувања се дел од работата на врвен спортист, но честопати му било непријатно да излегува од својата зона на комфор.

Документарниот серијал „RAFA“ нуди редок поглед зад сцената на животот на еден од најголемите тенисери во историјата, откривајќи детали за неговата кариера, семејство, славата и моментите кога дури и светски шампион морал да најде начин да ја надмине тремата пред камерите.

Scroll to Top