70 издание на Евровизија 2026 свечено започна во Виена со спектакуларно дефиле на 35 делегации по тиркизниот килим, со што симболично беше крената завесата на најголемиот музички настан во Европа.


Тиркизниот килим се протегаше од легендарниот Бургтеатар до Градското собрание во Виена, претворајќи го центарот на градот во огромна евровизиска сцена исполнета со фанови, медиуми и фестивалска атмосфера. Делегациите и уметниците беа поздравени со аплаузи и музика, а потоа ги очекуваше свечен прием во внимателно организиран амбиент исполнет со гламур и возбуда.


Музиката беше во центарот на целата церемонија. Евровизиската химна во живо ја изведе Симфонискиот оркестар на австриското радио ORF, додавајќи чувство на традиција и величественост на отворањето. Во исто време, бендот Woodstock Allstar приреди музичко добредојде за секоја земја учесничка, изведувајќи песни поврзани со националниот идентитет на секоја делегација – од светски поп хитови до традиционална народна музика.


Продуцентот на церемонијата Томи Шмидл изјави дека целта била преку музиката да се поврзат различните култури и нации.


„Виена често се нарекува главен град на музиката. Нашата идеја беше преку разновидноста на музиката да ги зближиме сите учесници и народи“, изјави Шмидл.


Тој посочи дека најголем предизвик било организирањето на огромен телевизиски спектакл во живо, а притоа да се задржи чувството на спонтаност и прослава за уметниците и публиката.

Полуфиналните вечери на Евровизија 2026 ќе се одржат на 12 и 14 мај, додека големото финале е закажано за 16 мај во арената Винер Штадхале, која може да прими околу 16.000 посетители.


Северна Македонија четврта година по ред нема свој претставник на Евровизија, поради финансиски причини.
Организаторите очекуваат огромен економски бенефит за Австрија и Виена. Според проценките на градските власти и туристичките служби, натпреварот може да донесе дури 150 милиони евра за локалната економија. Хотелските резервации веќе се зголемени за 12 проценти, а се очекуваат повеќе од 200.000 странски посетители.

Во рамки на евровизиската недела е отворено и големото Евровизиско село на плоштадот Ратхаусплац, со бесплатен влез и капацитет до 30.000 посетители.
Овогодинешната Евровизија ќе остане запаметена и по големиот чекор кон поголема инклузивност. Австрискиот национален сервис ORF за првпат обезбеди верзии на сите 35 натпреварувачки песни на знаковен јазик, достапни за сите членки на Европската радиодифузна унија.
Шест глуви изведувачи од различни европски градови работеа на адаптацијата на песните, со цел и лицата со оштетен слух целосно да можат да уживаат во најголемиот музички спектакл во Европа.






