Со светлечки билборд објавија дека се венчале: Тејлор Свифт и Тревис Келси приредија спектакуларна свадба во Њујорк

Една од најголемите светски музички ѕвезди, Тејлор Свифт, и НФЛ ѕвездата Тревис Келси и официјално стапија во брак, а нивната свадбена прослава во легендарниот „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк веќе се нарекува свадба на деценијата. Иако станува збор за еден од најочекуваните настани во светот на шоу-бизнисот, организаторите успеаја речиси целосно да ја зачуваат приватноста на младенците.

До овој момент во јавноста не се појави ниту една фотографија од самата свадбена церемонија, но бројни детали за прославата сепак излегоа во јавноста.

 

Според американските медиуми, Тејлор и Тревис претходно направиле интимна церемонија на која си го кажале судбоносното „да“, додека големата свадбена прослава, организирана за време на празничниот викенд по повод Денот на независноста на САД, била наменета за нивното семејство и блиските пријатели.

Еден од најинтересните моменти беше светлечкиот билборд поставен пред „Медисон Сквер Гарден“, на кој беше објавено дека Тејлор Свифт и Тревис Келси се венчале, со што практично беше потврдена веста за нивниот брак.

Според неофицијалните информации, свадбената церемонија не ја водел свештеник, туку познатиот актер и комичар Адам Сендлер, кој е долгогодишен пријател на двојката.

Невестата носела ексклузивна венчаница изработена од модната куќа Dior Haute Couture, дизајнирана од креативниот директор Џонатан Андерсон. Изгледот го комплетирала со накит од Cartier и специјално изработени чевли од Christian Louboutin.

Иако претходно се шпекулираше дека Тејлор ќе избере венчаница од Стела Макартни или креација на Донатела Версаче, изборот на крајот паднал на француската модна куќа Dior.

На свадбената прослава присуствувале околу 1.000 гости, меѓу кои бројни светски ѕвезди од музиката, филмот и спортот. Меѓу фотографираните гости беа Бредли Купер, Ед Ширан, Камила Кабело, легендарниот режисер Стивен Спилберг, актерот Итан Хок и многу други.

Безбедноста била организирана на највисоко можно ниво. Гостите пристигнувале во црни автомобили со затемнети стакла, кои минувале низ специјално поставен црн шатор што ги штител од љубопитните погледи на фотографите. Дури потоа излегувале и влегувале во салата каде се одржувала свадбата.

Организаторите вовеле строга политика за приватност. На гостите им било забрането да објавуваат фотографии и видеа од свадбата, додека сите вработени, обезбедувањето и лицата ангажирани за организацијата потпишале договори за доверливост (NDA), со кои се обврзале дека нема да откриваат никакви информации од настанот.

Во меѓувреме се појавија и шпекулации дека актерите Рајан Рејнолдс и Блејк Лајвли, кои долго време важеа за блиски пријатели на Тејлор Свифт, не биле поканети на свадбената прослава.

Американските медиуми претходно објавија и дека двојката ќе потпише предбрачен договор. Според проценките, богатството на Тревис Келси се движи околу 90 милиони долари, додека имотот на Тејлор Свифт се проценува на околу две милијарди долари, што ја прави една од најбогатите музички ѕвезди во светот.

И покрај огромниот интерес од јавноста, свадбата на Тејлор Свифт и Тревис Келси останува една од најтајните свадбени церемонии на светскиот џет-сет, а фановите сè уште со нетрпение ги очекуваат првите официјални фотографии од младенците.

Scroll to Top