Страсен бакнеж во Кан го запали интернетот: Венсан Касел повторно мета поради 30 години помладата сопруга

Страсен бакнеж на Венсан Касел и неговата 30 години помлада сопруга Нара Баптиста на црвениот тепих во Кан предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, каде што многумина повеќе зборуваа за нивната љубовна сцена отколку за модата и филмот со кој актерот пристигна на фестивалот.

Францускиот актер Венсан Касел, кој во ноември ќе наполни 60 години, се појави на Канскиот филмски фестивал по повод премиерата на филмот „Parallel Stories“, каде што игра една од главните улоги заедно со легендарните француски актерки Кетрин Денев и Изабел Ипер.

На црвениот тепих друштво му правеше неговата трета сопруга, 30-годишната бразилска манекенка Нара Баптиста, со која е во врска од крајот на 2023 година.

Касел се појави во елегантен смокинг со свилени ревери, додека Нара носеше впечатлива кадифена тоалета која ја истакнуваше нејзината фигура. Двојката повторно се појави во стилски усогласени модни комбинации, по што се препознатливи во јавноста.

Сепак, вниманието целосно се префрли на нивното однесување на црвениот тепих, откако парот почна страсно да се бакнува пред фотографите. Сцените веднаш станаа вирални на социјалните мрежи и отворија бројни коментари за големата разлика во години меѓу нив.

„Вака изгледа кога натапиран дедо ќе фати 30 години помлада“, гласеа дел од најкоментираните реакции на интернет, додека други ја бранеа двојката и порачаа дека љубовта не треба да се мери со години.

Врската на Касел и Нара Баптиста од самиот почеток е под лупа на јавноста токму поради разликата во возраста. На социјалните мрежи често се појавуваат споредби во кои актерот го нарекуваат „дедо“, а младата манекенка – „внука“.

И покрај критиките, парот не крие дека ужива во врската. На почетокот на 2025 година тие добија и син по име Каетан.

Пред Нара, Касел беше во брак со бразилската манекенка Тина Кунаки, со која се ожени во 2018 година и ја доби ќерката Амазони. Разводот следуваше само неколку месеци пред јавноста да дознае за неговата нова врска.

Францускиот актер претходно беше во долгогодишен брак и со славната италијанска актерка Моника Белучи, со која беше заедно од 1999 до 2013 година. Од тој брак ги има ќерките Леони и Дева Касел, која деновиве исто така привлече внимание со своето појавување на ревија на Dior во Лос Анџелес.

Scroll to Top