Синот на американскиот претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп Помладиот, и неговата свршеница Бетина Андерсон, викендов ќе направат интимна свадбена церемонија на Бахамите, пренесуваат американските медиуми.
Според „Пејџ Сикс“, двојката ќе се венча на приватен остров за време на викендот на Денот на сеќавањето, во присуство на најблиските пријатели и членови на семејството. Иако со месеци кружеа шпекулации дека парот размислува за раскошна свадба, па дури и церемонија во Белата куќа, тие на крајот се одлучиле за далеку подискретен настан.

Американските медиуми наведуваат дека актуелните геополитички тензии и војната во Иран влијаеле врз нивната одлука да организираат помала и приватна свадба наместо голем јавен спектакл.
Двојката е во врска од 2024 година, а првпат беа фотографирани заедно летото истата година, додека Трамп Помладиот сè уште беше во врска со поранешната водителка на „Фокс њуз“, Кимберли Гилфојл. Тие официјално ја потврдија својата романса кон крајот на 2024 година, по што Бетина Андерсон почна редовно да се појавува со него на политички и јавни настани, како и во Белата куќа.
Веста за свршувачката беше објавена кон крајот на 2025 година, кога Трамп Помладиот на прес-конференција во Белата куќа откри дека Андерсон ја прифатила неговата понуда за брак.
„Не останувам често без зборови, но сакам да ѝ се заблагодарам на Бетина за тој еден збор – ‘Да’“, изјави тогаш Трамп Помладиот.
Во април годинава, Андерсон организираше и моминска вечер во одморалиштето Мар-а-Лаго, со тема „волшебна градина“. На прославата присуствуваа повеќе членови на семејството Трамп, меѓу кои Иванка Трамп, Тифани Трамп, Лара Трамп и Марла Мејплс.
„Славевме љубов, семејство и нови почетоци на моминската вечер на Бетина Андерсон“, напиша Иванка Трамп на Инстаграм, додавајќи дека е благодарна што била дел од „радосниот момент“.
Трамп Помладиот од претходниот брак со Ванеса Трамп има пет деца. Тие се разведоа во 2018 година по 13 години брак.






