Тејлор Свифт и Тревис Келси подготвуваат меден месец од соништата: На листата е и Хрватска

Светската музичка ѕвезда Тејлор Свифт и американскиот фудбалер Тревис Келси наводно планираат долго и луксузно патување по свадбата, кое ќе ги однесе на неколку ексклузивни дестинации низ Европа, Азија и Австралија.

Според информациите што ги пренесува магазинот „Инстајл“, двојката сака максимално да се дистанцира од јавноста и во текот на патувањето да биде достапна само за најитни ситуации. Извори блиски до нив тврдат дека веќе ги известиле семејството и пријателите дека ќе бидат надвор од контакт, со цел целосно да се посветат еден на друг пред Келси повторно да се врати на професионалните обврски во НФЛ.

Патувањето, според најавите, ќе започне на Бахамите, по што ќе следуваат неколку престижни европски дестинации, меѓу кои езерото Комо во Италија, Париз, Француската ривиера и Хрватска.

Изворите наведуваат дека Свифт е голем љубител на медитеранските дестинации, додека Келси има посебен интерес за Хрватска поради семејните корени кои го поврзуваат со овој регион.

По европскиот дел од патувањето, парот планира да отпатува на приватен остров во Грција, а потоа да ги посети Сингапур и Австралија. Завршницата на нивниот меден месец, според истите информации, е планирана на Хаваи, непосредно пред Келси да ги започне подготовките за новата сезона во НФЛ.

Медиумите во САД шпекулираат дека претстојната сезона би можела да биде и последна во кариерата на познатиот играч на Канзас Сити Чифс.

Тејлор Свифт и Тревис Келси се свршија во август 2025 година и оттогаш внимателно го чуваат својот приватен живот далеку од очите на јавноста. Иако претходно се тврдеше дека не брзаат со свадбените планови и сакаат да уживаат во периодот на свршувачката, најновите информации сугерираат дека веќе започнале со подготовки за церемонија која би можела да се одржи летово во Род Ајленд.

Доколку плановите се реализираат, нивното патување би можело да биде едно од најдолгите и најлуксузните медени месеци на славна двојка во последните години.

Scroll to Top