(ФОТО) Тејлор Свифт првпат го покажа венчалниот прстен една недела по свадбата со Тревис Келси

Тејлор Свифт за првпат во јавноста го покажа својот венчален прстен, само една недела по венчавката со ѕвездата на американскиот фудбал Тревис Келси.

Новопечените сопружници во петокот присуствувале на свадбата на поранешниот соиграч на Келси, Џуџу Смит-Шустер, и неговата избраничка Лаура Крук. Прославата се одржала во хотелот „Ritz-Carlton, Laguna Niguel“ во округот Оринџ, Калифорнија.

Токму таму фотографите успеале да го забележат венчалниот прстен на Свифт. Пејачката, според фотографиите од настанот, во еден момент разиграно го покажала накитот пред другите гости.

За свеченоста, Свифт избрала розов балски фустан без прерамки со цветни мотиви, додека Келси носел сив костум.

Двојката била забележана како се држи за раце при влегувањето во хотелот и разговара со гостите. Подоцна, Тејлор и Тревис танцувале, пиеле шампањ и уживале во свадбената прослава.

Прво појавување како сопружници

Ова било нивно прво јавно појавување како сопружници откако на 3 јули организираа спектакуларна свадба во „Медисон Сквер Гарден“ во Њујорк.

Според претходните информации на Page Six, повеќе извори тврделе дека Тејлор и Тревис веќе биле законски венчани еден ден пред големата свадбена церемонија.

На свадбата во Њујорк присуствувале околу 1.000 гости, меѓу кои голем број познати личности од светот на музиката, филмот и шоу-бизнисот.

Наводно, Свифт и Келси размениле емотивни завети во траење од по околу 20 минути. Според извор на People, Келси бил поемотивен од својата невеста.

Тејлор во својот говор зборувала за карактерот на Тревис и за приказните дека уште во средношколските денови, иако бил спортска ѕвезда, седнувал со помалку популарните ученици кои биле изложени на малтретирање.

Пејачката, наводно, рекла дека посакувала да познава некој како него во своите средношколски години.

Свадба вредна околу 30 милиони долари

Спектакуларната свадба на Свифт и Келси, според проценките објавени во американските медиуми, чинела 30 милиони долари или повеќе.

Естер Ли, уредничка директорка во The Knot Worldwide, за Page Six изјавила дека само цвеќињата и декорацијата потребни за трансформација на „Медисон Сквер Гарден“ во интимен свадбен простор за околу 1.000 гости можеле да чинат приближно пет милиони долари.

За време на свадбената прослава биле организирани и игри преку кои гостите добивале билети за лотарија. Меѓу активностите имало ски-бол, миниголф и фрлање фудбалска топка низ прстени.

Како награди биле поделени луксузни подароци, меѓу кои дизајнерски чанти и опрема за голф.

Џеки Транквил, сопругата на играчот на „Канзас Сити Чифс“ Дру Транквил, открила дека освоила „Шанел“ чанта вредна околу 7.000 долари.

Венчаница од Christian Dior haute couture

На својот голем ден, Тејлор Свифт носела специјално изработена венчаница од Christian Dior haute couture, дизајнирана од Џонатан Андерсон.

Андерсон бил задолжен и за изгледот на Тревис Келси.

„Беше задоволство да се работи со неа. Станавме многу добри пријатели“, изјавил дизајнерот за WWD.

Пејачката Марен Морис, која била меѓу гостите, открила дека присутните добиле и специјални марамчиња со детали поврзани со датумот и местото на свадбата, како и со песната „Blank Space“.

Со месеци се шпекулираше каде ќе се венчаат

Пред свадбата со месеци кружеа различни информации за локацијата на која Свифт и Келси ќе го кажат судбоносното „да“.

Во јуни се појавија информации дека церемонијата ќе се одржи во „Медисон Сквер Гарден“. Претходно, пак, се шпекулираше дека двојката ќе се венча во Воч Хил, Род Ајленд.

Гласините дополнително се засилиле на 17 јуни, кога биле забележани гости на имотот на Свифт во тој регион. TMZ тогаш објавил дека околу имотот имало вооружено обезбедување, а на балкон биле забележани повеќе лица облечени во црно и едно лице во бела облека.

Истата вечер, Келси бил забележан на дружење во Лос Анџелес, во познатиот клуб „Bird Streets Club“ во Западен Холивуд.

На крајот, свадбата сепак се одржала во Њујорк.

Братот на Тејлор, Остин Свифт, ја имал улогата „Man of Honor“, додека братот на Тревис, Џејсон Келси, бил негов кум.

Ѕвездена листа на гости

Меѓу познатите гости на свадбата, според Page Six, биле Сомбр, Зои Кравиц, Ед Ширан, Карли Клос, Суки Вотерхаус, Бред Пит, Селена Гомез и Џиџи Хадид.

Свифт и Келси ја започнаа својата врска во 2023 година, а свршувачката ја објавија во август 2025 година.

Ѕвездата на „Канзас Сити Чифс“ ја запросил пејачката во романтично уреден двор на својот имот во Ливуд, Канзас. Запросувањето се случило откако Свифт гостувала во рекордно гледаната епизода на подкастот „New Heights“.

Тоа било и нејзино прво гостување во подкаст, а во истиот период го најавила и својот 12. студиски албум „The Life of a Showgirl“.

„Никогаш не размислував за свадба додека не ја запознав вистинската личност“

Иако гласините за нивната венчавка постојано се ширеа во текот на 2025 и 2026 година, Тејлор и Тревис речиси воопшто не зборуваа јавно за плановите.

Свифт претходно призна дека пред да го запознае Келси никогаш сериозно не размислувала за тоа како би изгледала нејзината свадба.

Во интервју за британското Heart Radio во октомври, пејачката објаснила дека луѓето можеби очекувале таа цел живот да биде опседната со идејата за венчавка, но дека всушност никогаш не размислувала што би сакала сè додека не ја запознала вистинската личност.

Таа тогаш истакнала и дека сè уште не знае како точно ќе изгледа нејзиниот „период на брачен живот“, но дека е многу возбудена за иднината со Тревис Келси.

Сега, една недела по спектакуларната венчавка, Тејлор Свифт првпат го покажа венчалниот прстен во јавноста, а нејзиното прво појавување со Келси како брачна двојка веднаш го привлече вниманието на светските медиуми.

Scroll to Top