Тејлор Свифт со емотивна порака по смртта на Доли Партон: „Свет без Доли не изгледа возможен“

Тејлор Свифт се прости од Доли Партон со емотивна порака во која ја опиша кантри-легендата како една од најголемите личности што музичката индустрија некогаш ги имала.

По веста дека Партон почина во вторникот на 80-годишна возраст, Свифт изјави за Page Six дека тешко може да замисли свет без неа.

„Свет без Доли не изгледа возможен, реален или исправен. Но поради бескрајно великодушниот начин на кој го помина времето на оваа земја и безбројните животи што ги промени на подобро, нејзиното наследство ќе биде вечно“, порача Свифт.

Пејачката ја нарече Партон „дар кој постојано продолжува да дава“.

„Доли ни даде некого на кого можевме да се угледаме, а истовремено нè охрабруваше да бидеме свои. На некој начин успеваше лекциите за светот да ни ги пренесе нежно и искрено, а истовремено често и со многу хумор“, додаде Свифт.

Таа нагласи дека Партон умеела дел од својот живот да го задржи мистериозен, а во исто време да биде целосно отворена таму каде што тоа било најважно.

„Таа беше вистинска грациозност и вистинска сила во една блескава личност. Имаше најнежно срце кога стануваше збор за проблемите на другите, но и челична кичма кога требаше да ја брани сопствената вредност како уметник“, рече Свифт.

Во пораката, таа се осврна и на музиката и на хуманитарната работа на Партон.

„Благодарна сум за мелодиите и стиховите кои ги стопија и најстудените срца. За милионите книги што им ги подари на деца ширум светот за и тие да се заљубат во приказните како што таа се заљубила. За сите тенки линии по кои одеше за девојчиња како мене да можат да растат сонувајќи дека еден ден и тие ќе се приклучат на тој циркус“, порача Свифт.

Пораката ја заврши со зборовите:

„Доли, ќе мислам на тебе на секој чекор од патот.“

Според објавените информации, Партон починала во вторникот опкружена со своите најблиски, по кратка и досега јавноста непозната борба со рак.

Нејзини претставници потврдиле за Page Six дека Партон починала во Vanderbilt-Ingram Cancer Center.

„По храбра и кратка борба со рак, Доли денес го напушти земниот живот, опкружена со своите најблиски“, било наведено во соопштението.

Не е објавено за каков вид рак станувало збор.

Свифт и Партон никогаш не снимија заедничка песна, но со години јавно се поддржуваа и зборуваа со голема почит една за друга.

Уште во 2010 година, откако Свифт на 19 години стана најмладата добитничка на наградата CMA Entertainer of the Year, Партон ја пофали младата пејачка како одличен пример за младите.

„Браво за Тејлор Свифт. Мислам дека е паметна и прекрасна девојка. Ги прави вистинските чекори“, изјави тогаш Партон за Лери Кинг на CNN.

Таа додаде дека Свифт има „добра глава на рамениците“, дека е опкружена со добри луѓе, дека пишува одлични песни и дека знае која е.

Двете се сретнаа и лично во 2010 година, кога позираа зад сцената на прославата на 85-годишнината на Grand Ole Opry во Нешвил. Според Page Six, тоа е една од ретките, а можеби и единствена јавно позната фотографија на која се заедно.

Во 2016 година, кога Свифт веќе целосно се етаблираше како поп-ѕвезда по успехот на албумот „1989“, Партон повторно зборуваше со восхит за неа.

Во интервју за Vanity Fair таа рече дека Свифт направила „неверојатна работа“ премостувајќи го јазот меѓу кантри и поп-музиката.

Партон застана во нејзина одбрана и во 2022 година, кога фронтменот на Blur, Дејмон Албарн, го доведе во прашање авторството на Свифт врз нејзините песни.

Во интервју за HollywoodLife, Партон тогаш изјави дека Свифт е „одличен автор – со или без некого“ и дека особено ѝ пречи кога луѓето неправедно ги напаѓаат уметниците.

Една година подоцна, во 2023, Свифт возврати со пофалби.

Во интервју за The Hollywood Reporter ја опиша Партон како „сила на еволуција и трансформација во нашата индустрија“, а додаде дека нејзиниот хумор и палав дух биле меѓу нејзините омилени особини кај кантри-легендата.

Во 2024 година, додека Свифт беше во екот на турнејата „Eras“ и го имаше објавено албумот „The Tortured Poets Department“, Партон и понатаму внимателно ја следела нејзината кариера, но и нејзината врска со Тревис Келси.

Во интервју за E! News таа нивната романса ја нарече „нивна мала љубовна приказна“ и додаде дека „луѓето сакаат романтика“.

Нивната поврзаност стана уште полична оваа година преку проектот Imagination Library, програмата за подарување книги што Партон ја основа во 1995 година.

Програмата испраќа бесплатни и квалитетни книги на деца од раѓање до петгодишна возраст, без оглед на приходите на нивните семејства.

Во јули, Тејлор Свифт и Тревис Келси донирале 2 милиони долари за Imagination Library.

Партон тогаш им се заблагодарила со видео-порака и се пошегувала:

„Еј, кога ќе го добиете првото дете, може ли да ми го дадете? Затоа што тоа ќе биде едно навистина посебно бебе!“

Свифт токму оваа хуманитарна работа ја спомена и во својата проштална порака, потсетувајќи дека Партон им подарила милиони книги на деца ширум светот.

Од основањето во 1995 година, Imagination Library има дистрибуирано повеќе од 300 милиони книги.

Со својата музика, хуманитарна работа и влијание врз генерации уметници, Доли Партон зад себе остава наследство кое, како што порача Тејлор Свифт, ќе биде „вечено“.

Scroll to Top