(ФОТО) Том Холанд ја спаси Зендеја од непријатен моден момент во Њујорк: Ветерот за малку ќе предизвикаше незгода

Том Холанд уште еднаш покажа дека е вистински џентлмен, откако ја спаси својата сопруга Зендеја од непријатен моден момент додека двајцата го напуштаа хотелот во Њујорк.

Според фотографиите објавени од „Page Six“, силниот ветер го подигнал црниот фустан на актерката, кој имал длабок шлиц до бутот, заканувајќи се да предизвика незгода. Холанд веднаш забележал што се случува и со гест ѝ укажал на Зендеја да го придржи фустанот. Таа веднаш реагирала, спречувајќи непријатна ситуација.

Двојката, која сè време се држела за раце, потоа влегла во автомобил и го продолжила денот.

Во Њујорк поради „The Odyssey“

Том Холанд (30) и Зендеја (29) во моментов престојуваат во Њујорк каде ја промовираат новата филмска епопеја „The Odyssey“ во режија на Кристофер Нолан.

Во филмот Холанд го толкува ликот на Телемах, додека Зендеја ја игра божицата Атена. Покрај нив, во актерската екипа се и Мет Дејмон, Ен Хатавеј, Роберт Патинсон, Лупита Њонго, Шарлиз Терон, Елиот Пејџ и Џон Бернтал.

За време на гостувањето во емисијата „The Tonight Show Starring Jimmy Fallon“, Зендеја откри дека Том прв добил понуда за улогата, а таа воопшто не очекувала дека ќе биде дел од проектот.

„Тој е најдобриот и навистина го заслужува ова. Бев пресреќна за него“, изјави актерката.

Таа раскажа дека дури кога Том ѝ го покажал сценариото сфатила дека и самата е избрана да ја игра Атена.

„Му реков: ‘Не, не можам да поверувам!’“, се присети Зендеја.

Том: „Ми рече дека ќе ме остави ако не го прифатам филмот“

Од своја страна, Холанд неодамна откри дека токму Зендеја била причината поради која ја прифатил улогата во „The Odyssey“.

Тој објасни дека снимањето првично се судрило со распоредот за новиот филм „Spider-Man: Brand New Day“, па размислувал да ја одбие понудата.

„Снимањето на ‘Spider-Man’ беше закажано речиси во исто време кога требаше да почнеме со ‘The Odyssey’. Зендеја ми рече: ‘Ќе те оставам ако не го прифатиш ‘The Odyssey’“, изјави Холанд низ смеа во интервју за „People“.

Тајна свадба и силна љубовна приказна

Том Холанд и Зендеја својата врска јавно ја потврдија во 2021 година, пет години откако се запознаа на снимањето на филмот „Spider-Man: Homecoming“.

По неколкумесечните шпекулации за венчавка, Холанд во интервју за магазинот „Esquire“ во јуни потврди дека двајцата тајно се венчале.

Иако не откри детали за приватната церемонија, актерот изјави дека Зендеја е неговата „личност“ и „најдобра пријателка“.

„Најсреќен сум кога сум со неа. Никогаш во животот не сум се чувствувал толку поддржан и безбеден“, рече Холанд.

По „The Odyssey“, познатата двојка повторно ќе се појави заедно на големото платно во новото продолжение „Spider-Man 4“, чија премиера е закажана за 31 јули.

Scroll to Top