Хајди Клум го изненади својот најстар син Хенри со црвен „ферари F430“ за неговиот 21. роденден, исполнувајќи го ветувањето што произлегло од необичен облог со неговиот очув Том Каулиц.
Супермоделот (53) на Инстаграм објави видео од моментот кога Хенри го добива луксузниот автомобил, чија вредност може да достигне шестцифрен износ.
На снимката се гледа како Хенри излегува надвор заедно со Каулиц, додека Клум ја снима неговата реакција.
„Не можам да поверувам дека дојде времето. Толку години го чекаше ова“, му порача Клум.
Хенри остана без зборови кога го виде црвеното „ферари“.
„О, Боже! Не знам што да кажам“, извика тој.
Сè започнало со партија „Mario Kart“
Во следната објава, Клум сподели стара снимка од времето кога Хенри бил тинејџер. Во видеото тој го објаснува облогот што го направил со Каулиц пред околу седум години.
„Ако загубам во ‘Mario Kart’, нема да играм видеоигри три месеци и ќе морам да насликам слика од себе како возам. Но, ако победам, Том ќе мора да ми подари ‘ферари’ кога ќе наполнам 21 година“, објаснил тогаш Хенри.
Каулиц (37) откри дека автомобилот го купил на саем претходната година и цело време го чувал скриен во гаражата.
„Тој го одржа ветувањето. Поминаа околу седум години откако го направивте тој договор, нели?“, рече Клум во видеото.
Каулиц го смета за себе за „дополнителен татко“
Хајди Клум е мајка на четири деца – Лени (22), Хенри (21), Јохан (19) и Лу (16). Лени е нејзина ќерка од претходна врска, а пејачот Сил подоцна ја посвои. Клум со поранешниот сопруг ги доби Хенри, Јохан и Лу.
По венчавката на Клум и Каулиц во 2019 година, извор близок до двојката изјави дека нивната врска уште од почетокот била едноставна бидејќи музичарот ги прифатил нејзините животни приоритети.
„Хајди јасно му стави до знаење дека нејзин најголем приоритет е да биде мајка“, изјави тогаш изворот, додавајќи дека Каулиц се смета себеси за „дополнителен татко“ на нејзините деца.
Клум и Сил се разделија во јануари 2012 година, а нивниот развод беше финализиран во октомври 2014 година.
Минатиот месец супермоделот објави видео на Инстаграм по повод седумгодишнината од венчавката со музичарот од групата „Токио хотел“ во Италија.






