(ВИДЕО) Хаос на концертот на Bad Bunny во Милано: Силен град го прекина спектаклот пред 80.000 луѓе

Голем хаос се случи за време на концертот на светската музичка ѕвезда Bad Bunny во Милано, откако силно невреме проследено со град го прекина настапот пред околу 80.000 посетители. Илјадници луѓе беа принудени итно да го напуштат концертниот простор во обид да се заштитат од невремето.

Според италијанските новински агенции ANSA и Adnkronos, неколку посетители биле погодени од крупни ледени зрна, по што на местото интервенирале екипи на итната медицинска помош.

Од противпожарната служба соопштија дека дел од присутните се здобиле со удари во пределот на главата, но засега нема информации за потешко повредени лица.

Во моментов сè уште не е познато дали концертот ќе продолжи или ќе биде организиран нов термин за настапот. Организаторите не излегоа со официјално соопштение, додека голем број посетители преку социјалните мрежи веќе побараа враќање на средствата за купените билети.

ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА

На TikTok и другите социјални платформи се појавија бројни видеа на кои се гледа моментот кога силниот дожд и градот го прекинуваат концертот, а илјадници фанови панично бараат засолниште.

Bad Bunny во моментов ја реализира својата европска турнеја, која треба да заврши на 22 јули. Само неколку месеци претходно, во февруари годинава, порториканската суперѕвезда настапи како главна ѕвезда на полувремето на Super Bowl, каде што изведе песни на шпански јазик и пред глобалната публика ги претстави регетонот и латино-трап музиката.

Триесет и двегодишниот музичар важи за еден од највлијателните артисти во светот. Неговиот најнов албум „Debí Tirar Más Fotos“ е инспириран од традиционалните порторикански музички ритми и, покрај музичкиот успех, испраќа и силна општествена порака.

Scroll to Top