Адеми: Одлична ‘клапа’ сме, гинеме еден за друг 

Адеми е еден од клучните фудбалери во македонската селекција. Исклучително важна алка во средниот ред, кој успеа да преброди двегодишна суспензија поради допинг и да стане уште подобар фудбалер, а годинава имаше сезона за паметење како со Македонија, така и со Динамо. За репрезентацијата и ЕП вели :

„Одлична ‘клапа’ сме во репрезентацијата. За успех треба добра атмосфера, а ние во репрезентацијата имаме вистинска семејна. Навистина сме семејство, гинеме еден за друг. Веќе долго време сме заедно и  секому можеме да му парираме. Нѐ чека тешка група, противниците се силни, ама ние на никого не му се предаваме до последно“, вели Адеми во документарецот „Победници“.

Во изминатите 12 месеци,Адеми со Динамо освои „двојна круна“, играше историско четвртфинале во Лига Европа, со Македонија обезбеди пласман на Европско првенство, асистираше во епската победа со Германија.

А пред само четири години Адеми се врати на терените по двегодишната суспензија за допинг, за која се утврди дека е грешка со витамините, кои биле „загадени со недозволени супстанци“, по што македонскиот репрезентативец настрада несвесно, па мораше да одлежи суспензија. Првиот меч по враќањето на терените беше во дресот на Македонија и тоа со гол против Лихтенштајн во завршницата од мундијалските квалификации.

„Навистина имав многу тежок период, но селекторот Игор Ангеловски постојано ми се јавуваше, веруваше во мене, ме бодреше и ми рече дека ќе се вратам посилен. Тој ми беше голема поддршка. Кога веќе дојдов на праг да се вратам, добив повик, можев да играм против Лихтенштајн и се сеќавам кога  селекторот ме праша дали сум спремен да играм од почеток. А јас не знам колку можам, само бев среќен што пак ќе играм. Беше тоа прв меч на кој влегов, на теренот не знаев ни каде сум, ни што сум, ни како сум – сѐ ми беше ново. Дадов гол и прво што направив истрчав да го гушнам селекторот, зашто многу ми помогна во тој тежок период“, се присеќа Адеми во документарецот „Победници“.

Scroll to Top