Македонски маунтинбајк-тим првпат на престижната трка ,,4 острови”

Тимот на велосипедскиот клуб „Енерџи“ од Скопје, Дуња Иванова и Љубиша Кондев, од утре до 24 април годинава ќе тргнат по освојување на предизвикот наречен „4 острови” во Хрватска – една од најзначајните маунтинбајк етапни трки во светот.

Дуња Иванова и Љубиша Кондев се претставници на велосипедскиот клуб „Енерџи“ од Скопје, а подготовките за претстојната трка „4 острови” се под водство на Дејан Новковски – тренер по велосипедизам. Кондев е еден од првите Македонци евидентирани на ранг-листата на Интернационалниот сојуз за велосипедисзам (UCI) и тренер по велосипедизам со сертификат UCI Level 2, додека Дуња Иванова е актуелен државен првак во планински велосипедизам, како и во категориите друмско-ридски, хронометар и велокрос.

Претставниците на ВК „Енерџи“ за пет дена ќе поминат околу 270 километри со вкупна елевација од 5.000 метри, минувајќи низ исклучителни технички патеки, сериозни искачувања и предизвикувачки спустови низ островите Крк, Раб, Црес и Лошињ.

,,4 острови” е уникатен натпревар за лиценцирани велосипедисти на кој досега учествувале претставници од преку 33 земји од светот меѓу кои и професионалната маунтинбајк-елита.

Scroll to Top